Беса ќе ја поддржува Владата се додека се движи по евроинтегративниот пат

Се додека Владата на Северна Македонија се движи по евроинтегративниот пат, Движењето Беса ќе ја поддржува, изјави лидерот на партијата Биљал Касами во емисијата „Вистинска приказна“ на албанската телевизија Њуз 24.

– За нас интеграцијата во ЕУ е приоритет над приоритетите. Подготвени сме да ги надминеме сите длабоки разлики со ДУИ. Единствениот фактор што не држи заедно во оваа Влада е интеграцијата во ЕУ. Сè додека оваа Влада го продолжува интегративниот пат, ние ќе ја поддржуваме, нагласи Касами.

Тој оцени дека Северна Македонија не може да биде изолиран остров и мора да има соработка со западните партнери, обвинувајќи ја при тоа ДУИ дека е „блокатор на интеграциите“.

– Десет години ВМРО и ДУИ ја блокираа интеграцијата. Коалицијата на Движењето Беса со СДСМ од 2017 година донесе два мандата повеќе за да формираме Влада, додаде Касами.

Осврнувајќи се на локалните избори на кои беше избран за нов градоначалник на Тетово и на изјавата на министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи дека изборните резултатите ја потврдиле Демократската унија за интеграција како најважна и најголема партија меѓу Албанците во земјава, Касами изјави дека позицијата на ДУИ е како во услови во Албанија да изгубите Тирана, а да победите во Пеќин, град во реонот на Елбасан со нешто над 6.000 жители.

– И во Советот на Општината (Тетово) обезбедивме мнозинство. Со сите други партии и листа на независни кандидати, го имаме потребното мнозинство за да го водиме општинскиот Совет, изјави Касими, гостувајќи во емисијата преку видео конференциска врска

Тој додаде дека во претходниот мандат Беса беше опозиција на ДУИ во Советот на Општина Тетово, а во Владата се заедно заради евроинтеграцијата на државата.

– На господин Османи му е жал што во Тетово не успеаја да ја имаат поддршката од ВМРО, како што беа навикнати и потоа ги обвинува сите други партии за соработка со ВМРО, истакна Касами, додавајќи дека Беса е партија со прозападна ориентација, која се залага за заштита на интересите на Албанците во Северна Македонија.

Back to top button
Close