Беса е подготвена за разговори со албанската опозиција за формирање широк опозициски фронт

„Значи, со сите политички партии со кои може да седнеме и да се договориме ние сме спремни да разговараме да формираме широк опозициски фронт“, вели Касами

Билал Касами од Движењето Беса вели дека се подготвени да соработуваат со партиите од албанската опозиција со кои би имале заедничка цел.

„Во делот на соработка со албанската опозиција спремни сме да соработуваме со било која политичка партија и групација во опозиција со кои би имале заедничка цел, а тоа е конечно и во албанскиот политички кампус да има ротација на власта. Значи со сите политички партии со кои може да седнеме и да се договориме ние сме спремни да разговараме да формираме широк опозициски фронт“ рече Касами одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција.

Касами на конференцијата се осврна на последниот Извештај од Европската комисија и на реакциите од Владата.

Тој рече дека за Движењето Беса е неприфатливо Владата да коментира позитивно за Извештајот на ЕК дека земјата направила видлив напредок во сите шест кластери кои се во фокусот на вреднувањето.

„За Движењето Беса оценката на Владата е крајно неприфатлива и тоа дека дадените оценки се задоволителни кога истите се движат помеѓу 0 и 2. Единствениот кластер кој е повисоко рангиран е тој од надворешната политика и безбедност, додека сите други кластери тапкаат во место. Истите дури резултираат и многу послабо од претходниот извештај на Комисијата“ рече Касами на денешната прес конференција.

Според Касами има потполна стагнација во напредокот на борбата против корупцијата, непотизмот.

„Има општа неспособност на Владата за транспарентно менаџирање со финансиите, како и неспособност за привлекување на европските фондови и нивно лошо досегашно менаџирање“ додаде Касами.

Исто така, според Касами, и во областа на владеењето на правото и заштита на човековите права Комисијата, иако потенцира дека државата има напредок во овој правец, изразува загриженост во однос на условите и состојбата во затворите кои ги смета како трагични.

„Тука е и неспособноста на Владата за да изработи Стратегија за реформи во медиумите и адаптација на изборниот законик во согласност со меѓународните стандарди и практики“ додаде Касами.

Back to top button
Close