Беса со поддршка за кандидатите на Алијанса, сакаат да ја урнат коалицијата на ДУИ и ДПА

Бараме Алијанса реципрочно да ги повика своите гласачи да ги поддржат кандидатите на Беса, рече генералниот секретар на Беса

Движењето Беса ги повика своите гласачи во вториот круг од локалните избори да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците и побара и оваа партија реципрочно да возврати односно да им даде поддршка на кандидатите од Беса кои влегоа во вториот круг.

Оваа одлука, како што рече генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа, следува откако ДУИ договори соработка со ДПА на Мендух Тачи за вториот круг.

„Анализирајќи ги најновите случувања на политичката сцена како и старо-новата коалиција помеѓу ДУИ и ДПА за вториот круг на локалните избори наметнува јасен став на движењето Беса против старите политики на овие две политички партии кои без никаков принцип и против волјата на своите гласачи се принудени да соработуваат само за да се заштитат едни со други. Затоа движењето Беса почитувајќи ги политичките принципи и потребата за промена на политичката сцена денес преку оваа прес-конференција ја изразуваме нашата подготвеност и во исто време апелираме во вториот круг од локалните избори сите гласачи да ги поддржат кандидатите на Алијанса на Албанците и со тоа да помагаме во политичкиот пораз на ДУИ и ДПА. Исто така, бараме Алијанса реципрочно да ги повика своите гласачи да ги поддржат кандидатите на Беса“, рече Хоџа.

Во вториот круг, Беса има свои кандидати во Желино и Тетово, кои ќе се соочат со противкандидати од ДУИ. Алијанса за Албанците, која на изборите е во коалиција со Алтернатива, во вториот круг има кандидати во: Боговиње, Врапчиште, Дебар, Гостивар, Струга, Теарце и Чаир.

Денешната прес-конференција на Хоџа следуваше откако лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кажа дека разговарал неколку пати со Али Ахмети и оти неговата партија ќе ги поддржи кандидатите на ДУИ. За Тетово, пак, како што пренесоа дел од медиуми, Тачи рекол дека е завршена работа и таму ќе победи Теута Арифи, чиј противкандидат е токму лидерот на Беса, Билал Касами.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close