Беседа за Рацин

(Велес, 11. 06. 2021 год. 20 часот)

 

    Драги пријатели, верни следбеници на гордиот Рацин,

    На 28-год. возраст, односно во 1936, основопложникот на современата македонска литература, критика и, воопшто, интелектулана мисла Коста Солев Рацин ја објави, на македонски јазик, својата песна „До еден работник“ која не ја вклучи во својата прва и еденствена книга поезија „Бели мугри.“ Таа кратка песна на Рацин почнува со следниве стихови: „Да бидеш човек, да имаш топла крв/ да работиш со рака и мислиш со глава/ и па да бидеш нешто мртво.“ Според некои добро упатени специјалисти во уметничкото дело на Рацин, таа прва песна на македонски има своја српскохрватска верзија, различна по структура и тон, објавена во 1930 год., во сараевското списание „Снага.“

    Јас мислам дека сепак станува збор за две различни песни на Рацин иако имаат идентичен наслов. Нема тука да објаснувам врз основа на што мислам така. Ќе укажам само дека стихот „и па да бидеш нешто мртво“ гласи, во српскохрватската верзија на песната на Рацин од 1930 г. „па бити нечија ствар.“ Изразот „бити нечија ствар“ многу се разликува од изразот „да бидеш нешто мртво“ кој го среќаваме во неговата песна од 1936. Зато што таа разлика е очигледна, јас нема да се задржувам на тоа, иако токму таа разлика упатува на две различни пораки кои бараат неопходно објаснение и коментар. Сметам за поважно да се задржам на два идентични детаља од двете песни на Рацин кои ги дели временски распон од полни шест години, а тоа се стиховите „мислити главом и стварати руком“ од српскохрватската, односно „да мислиш со глава и да работиш со рака“ од македонската верзија. Има разлика и меѓу изразите „да работиш со рака“ и „стварати руком“ која упатуваат на две пораки. Нешто како главна мисла и за двете верзии е составот „да мислиш со глава“ со неговиот еквивалент „мислити главом“ на српско-хрватски. Таа мисла е, во очите на Рацин, главна одлика на човек од племето „на трудот црн народ“ како што вели тој во неговите „Бели мугри“ од 1939.

    Не е тешко во Рациновата формула „да мислиш со глава“ да се препознае силно ехо на европската хуманистичка филозофска мисла која стана духовен татко на првата револуција од 1789 година во Франција. Според таа филозофска мисла луѓето се раѓаат еднакви. Нивната социјална организација со нејзините закони кои штитат едни, а им ненасуваат страшни неправди на други, е таа што прави господари од едни, а робови од други. Во поентата од својата песна од 1930 година Рацин се ограничува на тоа лирски да ја формулира таа социјална неправда со стиховите: „А себи ковати метални оков/ срама и беде.“ Во поентата од својата песна од 1936 оној „оков од срам и беда“ се преобразува во енергичен повик да се „срони“ еден неправеден свет на „срам и беда“ за да се направи друг, поубав и „братски,“ како што вели поетот на „Бели Мугри.“ Во духот и словото на една од славните тези на филозофот Фоербах, за која расправа творецот на дијалектичкиот материјализам Карл Маркс, и Рацин минува од опис на свет на „беда и срам“ кон отворен повик на борба за да се „срони“ тој свет.

    Што била причината да дојде до таква, радикална промена, во лирската оптика на еден поет кој напишал две различни песни на иста тема?

    Во таа 1936 г. кога Рацин ја печати својата прва песна на македонски јазик тој е, веќе, позната и крупна фигура во тогашната лева интелектуална мисла. Според некои современици на Рацин тој, веќе во 1932 год. важел за „изграден марксист“ кој имал блиски контакти со Чедомир Миндеровиќ и Радован Зоговиќ, веќе познат критичар и гимназиски професор во Скопје во тоа време. Токму во таа 1936 година ќе дојде и до познатите московски политички процеси во кои ќе паднат главите на низа болшевички револуционери како, на пример, Каменев, Пјатиков, Тухачевски, Бухарин и многу други помалку познати, што ќе доведе и до расцеп во тогашната, југословенска интелектуална левица.

    Првото име на тогашната социјална литература Мирослав Крлежа, заедно со група писатели-соработници на списанието „Печат“ ќе го крене својот глас против тие монтирани московски политички процеси. Тој глас против ќе му ја донесе нему  и на неговите блиски соработници Марко Ристиќ, Васа Богданов и други озлогласената анатема „троцкист.“ Од таа 1936 кога се појави песната „До еден работник“, па до декември 1939 година кога се појавуваат „Бели мугри“ на Рацин и отровниот „Дијалектички антибарбарус“ на Крлежа,  се води острастена, остра полемика меѓу Мирослав Крлежа и Марко Ристиќ на една, и Радован Зоговиќ, Огњан Прица, Отокар Кершовани, Коча Поповиќ и др.,  на друга страна. Групата видни писатели на чие чело, веќе во тоа време, се наоѓа скопскиот гимназиски професор Радован Зоговиќ подготвува обемен одговор со зборникот „Книжевне свеске“ во кој се објавуваат дури две статии против Крлежа од бугарскиот филозоф Тодор Павлов. Тој одговор од „Книжевне свеске“ е детализација на една остра статија на Јосип Броз Тито објавена во весникот „Пролетер“ во мај од истата, 1939 година. Во таа статија првиот човек на КПЈ отворено ги напаѓа блиските соработници на Крлежа, но не и самиот Крлежа. Најверојатно затоа што,  според загрепскиот семиолог Станко Ласиќ, Тито сака да го придобие писатепот на Глембаеви како култна и влијателна интелектуална фигура за каузата антифашистичка борба и социјалистичка револуција. Како, во тие бурни години меѓу 1936 и 1939 год., се однесува Рацин? Тоа е прашањето на кое ќе се обидам да одговорам, макар и во облик на сугестија, со оглед на простиот факт што денес не располагаме со валидни документи врз основа на кои би можеле да формулираме убедлив и солиден одговор.

    Паѓа в очи, на пример, дека меѓу големиот број соработници кои, во првиот и единствен број на „Книжевне свеске“ полемизираат со Крлежа го нема Рацин. Тие соработници ги избира за „Книжевне свеске“ Радован Зоговиќ кој го познава нашиот Рацин уште од 1932 година кога, заедно со Аксиќ и Ѓорѓевиќ ја издава збирката „1932“ во која, покрај другите, се наоѓа и неговата песна „Ватромет.“ Само една година пред тоа, во списанието „Литература“ Рацин објави една учена расправа за „Хегел.“ Тоа зборува само по себе и на свој начин дека тешко би можел да биде изоставен Рацин од списокот имиња кои полемизираат со Крлежа. Таа расправа за Хегел сведочи, меѓу другото, и за тоа дека Рацин како  човек, по својот интелектуален формат, не стои подолу од оние остри и отровни полемички пера, кои успешно се носат со Крлежа. Рацин е, како што се знае, автодидакт во светот на уметничката литература. Тој е работник кој на 20 години учествува на 4 Конгрес на КПЈ во Дрезден, и по таа линија тој би имал дури и некоја предност со оглед на тоа што и водачот нја КПЈ Јосип Броз е, по професија, бравар, односно работник кој, според доктрината на марксизмот, припаѓа на класа двигател на историјата. Кон сето тоа треба да се додаде и една мисла на нашиот знаменит поет и мислител Блаже Конески кој ја соопшти во својот „Дневник по многу години.“ од 1988 г. Во записот кој зборува за Крлежа Конески го вели следново: „пресметката со него може по сушност да се сврзе со пресметката со нашиот беспомошен Рацин, како, впрочем, и со други европски интелектуалци, во чии коски требаше да се влее страв.“ (101)

    За каква и која пресметка зборува Конески во својот „Дневник…“ кога ги наведува имињата на Крлежа и на нашиот „беспомошен Рацин“, како што вели? Што сака да каже, на индиректен начин, кога таа „пресметка“ ја оценува како постапка на една политичка партија која сакала да им „влее страв“ во „коски“ на уметничко-интелектуални фигури од форматот на Крлежа и нашиот „беспомошен Рацин?“ Конечно, зошто оној бојкот на кој беше подложен Крлежа по појавата на неговиот „Дијалектички антибарбарус“ во 1939 г. но и на нашиот Рацин не многу по појавата на  „Бели мугри“ е, за Конески, драконска „пресметка“ на политичка елита која смета дека треба да им се „влее страв“ во „коски“ на оние што бараат некоја автономија за својата мисла и збор, токму како оној работник на Рацин од 1936 година кој „мисли со глава?“ Јас сум склон да мислам дека во вториот дел од тој стих лежи одговорот на прашањето зошто Конески бојкотот на Крлежа и на Рацин од 1939/40 година го нарекува – „пресметка.“

    Да се каже дека еден работник „мисли со глава“ како што вели Рацин во својата песна „До еден работник,“ тоа значи да се мобилизира една дискретна, на прв поглед невидлива метафора, како опозиција на метафората да се „мисли со стомак.“ Првата метафора, онаа „да мислиш со глава,“ упатува на контекстот слобода. Втората метафора, онаа „да мислиш со стомак“ упатува на контекстот леб, односно економија како главен и основен двигател на историјата според учењето на творците на дијалектичкиот материјализам Маркс и Енгелс. Значи ли тоа дека, кога Рацин ја актуелизира метафората „да мислиш со глава“ во својата песна „До еден работник,“ тој и дава предност на слободата на штета на лебот или економијата, сега во духот на онаа мисла на Маркс која вели дека „слободата на единката е услов за слободата на сите?“ Значи ли, уште, дека во таа 1939 год. Рацин ако не јавно, тогаш во некои интимни кругови бил против бојкотот на еден интелектуален и уметнички колос каков што бил Крлежа од 1928 па до 1939 година кога КПЈ, под водството на уште тогаш харизматичниот Јосип Броз станува воена структура со железна дисциплина од болшевички тип? Тука треба да се укаже и на друг, до некаде енигматичен детаљ од „Дневникот…“ на Конески кој помага подобро да се разбере зошто тој посега по детерминантата „беспомошен“ кога зборува за Рацин и за неговиот бојкот.

    Во тој детаљ Конески вели дека не ја читал „многу“ прозата на Крлежа. Веднаш потоа додава дека ги следел списанијата „Данас“ и „Печат“ во кој, славниот писател на циклусот Глембаеви, ја објавил својата разорна полемичка расправа „Дијалектички антибарбарус.“ Во врска со таа расправа која, веројатно, ја чита кон крајот на 1939 или кон почетокот на 1940 год., Конески го кажува следново: „Јас не можев да се уверам дека имаат право оние што го напаѓаа.“ Меѓу тие што го напаѓаа Крлежа спаѓа и првиот човек на КПЈ Јосип Броз кој, во весникот „Пролетер,“ објави дури две статии против Крлежа иако, од тактички причина, избегна да го именува. Врз основа на тоа може и треба да се заклучи: ако Конески, во таа 1939/40 г. не можел да се „увери“ дека биле во право тие што го напаѓале Крлежа, прво име на социјалната литература во периодот 1928-1939, како можел да се увери еден, веќе, изграден марксист каков што бил Рацин веќе во 1932, дека биле во право тие што го напаѓале Крлежа во времето кога се појавуваат и неговите „Бели Мугри?“ Како изграден марксист, тој изнаоѓа, во двете верзии на песната „До еден работник,“ лирски израз за клучната мисла на дијалектичкиот материјализам која вели дека „слободата на единката е услов за слободата на сите.“ Кога тој вели дека неговиот работник е човек кој мисли „со глава“, а не  „со стомак,“ тој е на страната на оној Маркс кој брани слобода, но не и  на оној кој осмислува материја, односно материјализира мисла.

    Во истатата 1936 кога Рацин ја печати песната „До еден работник“, а пак Крлежа отвора фронт против азијатската, варварска верзија на  марксисизмот што ја препознава во југословенската интелектуална левица, се појавува и една систематска критика на болшевичката верзија на дијалектичкиот материјализам од перото на рускиот филозоф Николај Береѓаев. Во таа критика тој руски филозоф тврди дека „односите меѓу луѓето“ се прашање на – етиката. Не прашање на економијата како што мисли Маркс кога вели дека „производните односи“ се непосредно условени од „производните средства.“ Само од себе се разбира дека таа радикална критика на марксистичката доктрина не можела да остане надвор од видното поле на интелектуалната левица во Југославија. Уште помалку, надвор од видното поле на еден енциклопедиски дух каков што бил Крлежа во таа 1936. Не треба да се исклучи можноста дека и таа радикална критика на Береѓав која влегува во тоа што се вика дух на времето остава некој вид печат и во мислата на Крлежа, и во мислата на оние кои, како Конески, не биле уверени дека биле во право  оние што го напаѓале првото име на тогашната социјална литература. По сè што се кажа тука, останува да се прашаме: што би рекол Рацин за нас, за нашиот свет во кој живееме и, особено, за оној работник кој се разликува од оној за кој пееше на двапати: во една песна  од 1930, и во друга од 1936 година?

    Ќе се обидам да одговорам на тоа прашање на еден индиректен начин.

    Во истата, 1939  кога се појавуваат „Бели мугри“ на Рацин и „Дијалектички антибарбарус“ на Крлежа нивниот далеку помлад брат по перо ја пишува својата песна „Спомен.“ Има впечатлива слика во таа песна на Конески која споредува писок на наврнат воз со „мака што рика“ во неговите гради затоа што бил роден во „смачкано племе.“ Некаде пред крајот на својот живот Конески се врати уште еднаш на тој „наврнат воз“ во својата песна „Спомен по многу години.“ Во таа песна поетот на „Везилка“ и „Тешкото“ рече: „уште рика маката во мене/ дека сум роден во смачкано племе.“

    Јас сум уверен дека нешто слично би кажал и Рацин како за оној работник кој „работи со рака и мисли со глава,“ така и за она „смачкано племе“ кое Рацин го вика „на трудот црн народ.“ Уверен сум, исто така, дека во неговите стихови би имало многу повеќе горчина и гнев од оние што ги среќаваме во неговите „Бели мугри.“ Беспомошниот Рацин, како што вели Конески, загина во јуни 1943 година и тој не доживеа да се остварат неговите идеали, како што доживеа Крлежа во неговата длабока старост. Рацин беше „понесен од македонската идеја и социјалистичката револуција“ како што кажа Конески две-три недели пред да почине, на 17 ноември 1993 во Велес, на „Рациновите средби“. Како и Крлежа, така и Конески доживеа да се остварат неговите идеали, но не и Рацин. Од тие остварени идеали потекнуваат песните „Молитва“, „Лажни пророци“, „Че Гевара“, „Девственици,“ „Кале“ и многу други. Јас го слушам, во тие песни, не само огорчениот глас на Конески туку и оној на Рацин кој, како и поетот Коле Неделковски, зборува, низ устата на Конески, во неговата поема „Ракување“. Тој глас на Рацин одамна се слеа со гласот на Конески, како што неговиот глас се слеа со гласот на оние што и денес копнеат по правда и достоен живот.

Атанас Вангелов

Back to top button
Close