Бесент: Штом се создадат услови, американската морнарица ќе ги придружува танкерите низ Ормускиот Теснец

Американската морнарица ќе ги придружува нафтените танкери додека поминуваат низ Ормускиот Теснец штом тоа ќе биде можно, најави денеска американскиот министер за финансии, Скот Бесент.
– Верувам дека, штом тоа ќе биде воено можно, американската морнарица, можеби заедно со меѓународна коалиција, ќе ги придружува танкерите низ теснецот – рече Бесент во интервју за Скај Њуз.
Тој изрази уверување дека одредени танкери во моментов сепак поминуваат низ теснецот, и тоа ирански и кинески. „Така знаеме дека тие (Иран) не го минирале теснецот“, рече министерот.
Цените на нафтата пораснаа за околу 10 отсто поради ризикот дека снабдувањето со енергенси низ Персискиот Залив веројатно ќе остане прекинато подолго време. Нафтата „Брент“ достигна цена од околу 102 долари по барел, а американската сурова нафта WTI се движеше околу 97 долари по барел.
Танкерите не можеа да примаат испораки од Заливот од почетокот на конфликтот овој месец, што се одрази на 20 отсто од светската трговија и ги принуди членките на Советот за соработка во Заливот (GCC) да го намалат производството за 10 милиони барели дневно бидејќи капацитетите за складирање се пополнети.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) соопшти дека ова е најголемото нарушување на пазарот на нафта во историјата, што ги натера нејзините членки да се договорат за ослободување на 400 милиони барели од стратешките резерви. ј






