Бесија Иљази ќе врати 659.831 денар кои незаконски им ги делеше на хонорарците на Токсикологија
Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, која призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што незаконски ангажирала 17 хонорарци во оваа јавно-здравствена установа, сега со судска одлука е задолжена да ѝ ги врати на Клиниката парите што им ги исплатила на хонорарците, пренесе СП.

Универзитетската клиника за токсикологија ја тужеше поранешната економска директорка и бараше материјална и нематеријална штета. Според пресудата во која имаше увид „Слободен печат“, Основниот суд во Тетово досудил дека таа треба да ги врати само парите исплатени за хонорарите по основ на материјална штета во износ од 659.831 денари. Материјалната штета била утврдена со вештачење на вештак економист.
Нематеријална штета Иљази нема да плати, затоа што Клиниката ја повлекла тужбата по овој основ, откако Иљази се согласила да ги плати сите можни трошоци кои произлегле од постапката.
Бесија Иљази беше осудена со признание на вина за „злоупотреба на службена положба и овластување“ на условна осуда со заштитен надзор на казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 4 години не стори ново кривично дело. Освен условната осуда, со судската пресуда таа беше задолжена да биде на „пробациска индивидуална програма“ и план за спроведување на заштитени надзор врз неа.
.
…






