Бесија Иљази не го прекршила законот – министерот Демири во одбрана на директорката на Токсикологија

Министерот за здравство, Илир Демири повтори дека не планира да ја разреши организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, по скандалите што во последните месеци се случуваат.

Демири на новинарските прашања на денешната прес-конференција, одговараше со контра прашања и рече дека директорката Иљази, или кој и да е друг за да биде разрешен треба да има цврсти докази, а таа, како што рече, министерот, во ниту еден момент не го прекршила законот.

„Зошто да ја разрешам? Сте се фатиле околу Бесија. Таа не ги вработиле тие 18 лица, туку се вработени во 2023. Тие служеле 12 месеци. Каде бевте вие и останатите директори и министрите да кажувате за квалитет и неквалитет? Зошто дозволувате тие луѓе да се на список на дежурства и смени, а месец дена пред изборите, реагирате зошто се вработени или не? Чекав да поминат изборите, имам факти кои се објавени дел на страната на министерството, дека медицинскиот директор заедно со другиот колега кои се трудеа да направат мобинг, сум ги разрешил“ рече Демири

По укажувањата од страна на новинарите дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) има констатирано неправилности, Демири повторно упати прашања и кон ДСЗИ и кон новинарите.

„Каде беше ДСЗИ кога тие пет месеци не примале плата и да реагираат? Каде е ДСЗИ да достави извештај за случувањата на хируршките сали? Зошто од ДСЗИ новинарите ги добиваат извештаите пред мене? Зошто ДСЗИ така постапува? Јас сум министер за здравство и јас треба да имам извештаи од ДСЗИ или од трудова инспекција пред да излезат во медиумите. Во ова што го кажувам може да се уверите според тоа кога се архивирани, а кога се дадени во кабинетот на министерот за здравство“,праша Демири.

Откако новинарите го прашаа дали смета дека tie се виновни за хаосот во здравствениот систем, министерот Демири одговори „не сте виновни, ама треба да се занимавате со посензитивни теми. Не да се бавите со цевки за парно или зошто 18 лица се вработени, туку кој ги остави тие 18 лица без плата пет месеци“.

„Да функционираше системот и да бевме коректни и да го кажуваме сите јавно тоа што го согледуваме сигурно Северна Македонија ќе беше во подобра позиција отколку оваа во која сме сега“,рече Демири.

Доколку повторно биде назначен за министер за здравство, Демири вели дека сите организациски директори ќе ги разреши со едно решение.

„Тоа е комплетно дисперзирање на одговорност и неодговорност. Имаме 64 директори на Клинички центар и само е дисперзирана неодговорноста. Треба да има по еден одговорен и од него да се бара и одговорност и компетентност и отчет и ако се случува нешто тој ќе треба да одговара. Вака е проблематично и само Обвинителство може да најде кој е виновен“,вели Демири.

Државниот санитарен и здравствен испекторат изврши контрола на Клиниката за токсикологија во однос на договорите за работа при што констатира дека договорите се со потпис од само еден директор. Оттаму рекоа дека ќе го испратат до Министерството за здравство предметот од контролата што ја направиле на Клиниката за токсикологија, за да ја провери валидноста на договорите за вработување кои се направени за 18-те лица што беа спорни во изминатиот период.

Организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, минатата недела во изјава за медиуми на албански јазик рече дека клиниката има потреба од вработување на 18-те лица кои изминатиот период предизвикаа превирања во јавноста. Таа увидела дека Клиниката има потреба и затоа инсистирала да се направат договорите и вели дека се обидува максимално да го реши овој проблем.

Клиниката за токсикологија периодов ја тресат низа скандали. Неа ја предводи само организациската директорка Бесија Иљази, откако министерот за здравство Илир Демири на 14 мај го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски.

Back to top button
Close