Бесими: Ќе ја дигитализираме Царината со започнување на процесот за скрининг

Дигитализацијата на Царината е од огромна важност за олеснување на трговијата и подобрување на услугите кон економските оператори. Со започнување на процесот на скрининг, дигитализацијата на Царината ќе биде од исклучителна важност за добивање позитивен извештај во делот на политиките од областа на Царината, а како основа во функционирањето на единствениот пазар, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на настанот „Дигитализација на Царината во функција на подобрување на услугите на економските оператори и поефикасни контроли“,  во организација на Царинската управа. На настанот беа присутни претставници од повеќе од педесет компании, како и претставници на стопанските комори пред кои директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, ги претстави проектите за дигитална трансформација на царинското работење, кои се составен дел од Акциониот план за развој на Царинската управа во наредните три години.

„Со дигитализацијата се подобруваат ефикасноста и приходите, а воедно се сузбива  сивата економија. Ова се клучните фактори за успешна пазарна економија“, нагласи Бесими.

Дигитализацијата на Царината, преку подобрување и унапредување на системите, потенцира Бесими, ќе овозможи автоматско пуштање на стоките во слободен промет за еден час, нови електронски услуги, електронско поднесување на барањата и издавање на царинските одобренијанов сервис за електронско плаќање на надоместоците и нов систем за проверка на дозволите за превоз.

Министерот Бесими воедно го истакна значењето на твининг проектот „Подобрување на наплатата на приходите, даночната и царинската политика“, којшто Управата го спроведува заедно со МФ и УЈП. Успешната реализација на овој, но и на другите проекти на ЦУ е од исклучително значење за истакнување на перформансите на оваа институција.

Реформите во Царината имаат и значајно место во Програмата за реформа на јавните финансии, со која е предвидено понатамошно унапредување на постапките и услугите на Царината, борба против царински измами, како и забрзување и олеснување на трговската размена преку воведување на концептот овластен економски оператор. Со ова се обезбедува непречен проток на стоките и услугите во регионот за имателите на лиценца за овластен економски оператор“, истакна Бесими.

Директорката на Царинската управа, Кутиров, пред бизнис-заедницата нагласи дека дигиталната трансформација на Царината е опфатена преку повеќе проекти и активности во сите области, за коишто се обезбедени финансиски средства и се дефинирани тимовите коишто работат и ќе работат на нив.
Овие проекти опфаќаат развој на повеќе нови ИКТ системи, поделени главно во две области. Во првата област спаѓаат системите  коишто ќе имаат влијание на подобрување на услугите за економските оператори и олеснување на царинските постапки, коишто се дел од Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ, и тоа: нов компјутеризиран транзитен систем (NCTS 5), нов национален едношалтерски систем, систем за регистрација и идентификација на економските оператори и автоматизиран систем за управување со цариснките терминали. Во втората област спаѓаат системите коишто ќе влијаат на поефикасни контроли, поефикасна наплата на приходи, а со тоа и на намалување на сивата економија: воведување на нов систем за видео надзор и автоматско препознавање на регистарски таблички, нов систем за управување со контролите и истрагите и систем за следење на тутунски производи – Track&Trace“ истакна директорката Кутиров.

Back to top button
Close