Бесими: Нема промени за основните производи од потрошувачката кошничка, ако има оправдани реакции ќе се реагира

Пристапено е многу внимателно во однос на заштитата на стандардот при подготовката на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, што стапи во сила денеска. Нема никакви промени во однос на минималниот стандард и не ги опфаќа основните прехранбени производи од потрошувачката кошничка, оцени денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

На брифинг со медиумите тој посочи дека листата на производи опфатени со Одлуката била долго време на расправа и на увид кај засегнатите страни, досега немало реакции, но можни се пропуст, како што рече, кај минорен број артикли. Поради евентуални технички пропусти и ако има проблеми при практичната примена со оглед на дилемите околу тарифирањето ќе се интервенира за што разговара со Царинската управа.

-Целта на одлуката е јасна, основните прехранбени производи остануваат со пет проценти даночна стапка. Тоа е јасна цел, позиција и политика на Владата. Со оваа одлука остануваат со пет проценти прехранбените производи што се во потрошувачката кошничка. Што се однесува до минималниот стандард нема никакви промени, вели Бесими.

По стапувањето во сила на Одлуката, според МФ, има реакции и дилеми кај тарифирањето бидејќи досега беше една даночна стапка и тарифирањето било поедноставно. – Сега на пример за некој кашкавал којшто бил увозен во истата тарифна ознака влегува и некој од домашните. Тоа се одредени дилеми кои можеби се нејасни, но ќе ги исправиме, но не се повеќе од две или три тарифни ознаки. Имаше пример за урда и моцарела со ист тарифен број. На моцарелата и нула проценти да и ставиме цената и е висока и не може секој граѓанин да си дозволи. Тарифниот број бил ист и не можел да се издвои затоа што досега немало потреба. Ќе гледаме со Царината ако може да се изменат тие тарифни броеви, велат од МФ и истакнуваат дека ако има реакции за нешто што е оправдано ќе се реагира.

Во однос на другите држави во регионот и во Европската унија, според МФ, и со оваа Одлука и сега сме со најширока листа на производи со најниска повластена тарифа. Целата одлука, појаснуваат, се однесува на повластена тарифа, 2 600-те производи не се на 18 проценти, сите се под 18 проценти, а тие што се основни, 1600, остануваат на пет проценти, додека околу 1000 одат на 10 проценти.

-Споредено со другите држави од регионот ние сме со најниска основна стапка на ДДВ од 18 проценти, кај останатите е 20, 23, 25, 27… И во таква ситуација сме и со најниска повластена стапка за разлика од некои што имаат само една повластена стапка ние имаме две. Со оваа мерка е пристапено многу внимателно во однос на заштитата на стандардот, особено за тие со пониски примања и за основните прехранбени производи и нема да влијае на тие што се на листата на времената мерка на Владата за гарантирани цени, вели министерот Бесими.

Од МФ претходно и во соопштение појаснија дека со Одлуката, над 1600 производи ќе продолжат и понатаму да се оданочуваат со најниската даночна стапка од пет проценти. Тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, ќефир, сирење, најголем дел од кашкавалот, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчукот и овошјето, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарина, грејфрут), брашно од пченица и и брашно од жита, пченица, јачмен, рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, паплини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, ќечап и други сосови од домат, супи, оцет, сол, ореви, костени….. На листата меѓу другото се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, а истата е дополнета со менструални производи а додека пак прометот на пелетите за греење останува да се оданочува со пет проценти.

 

Листата на производи, наведоа од Министерството, коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10 проценти се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза и производи, а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје. На оваа листа меѓу другите се различни производи од лососи , козјо месо, , посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Исто така, укажува ресорното Министерство, поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата.

Направените измени се дел од пошироката даночна реформа, која претставува усогласување со европската легислатива, согласно препораките од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд и е за поголема правично, праведност и заштита на стандардот на граѓаните, наведе Министерството за финансии.

Back to top button
Close