Бесими: Првпат воспоставуваме европски систем за управување со цврст отпад, значаен за намалување на загадувањето

Република Северна Македонија првпат ќе воспостави регионални системи за управување со цврст отпад по европски стандарди. Средствата ги обезбеди Министерството за финансии, а проектот ќе се имплементира преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

За реализација на овој проект денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Средствата се обезбедени од ЕБОР, ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).

-Денеска со нашите партнери, Евопската унија и Европската банка за обнова и развој, потпишуваме Договор за заем, помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР и Проектен договор, помеѓу МЖСПП, кое е имплементатор на проектот и ЕБОР. Со овие договори Владата на РС Македонија обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, приближно девет милиони евра грант од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и дополнително еден милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA), рече Бесими.

Тој потенцира дека оваа инвестиција е од клучно значење за позелена и одржлива иднина на Република Северна Македонија. Таа ќе придонесе не само кон намалување на загадувањето, што е врвен приоритет за нашита граѓани, туку ќе биде и пример за поттик за развој на нови проекти во областа на циркуларната економија, како и придонес кон регионален развој.

Средствата ќе се искористат за воспоставување регионални системи за управување со отпад по европски стандарди. Ќе бидат опфатени Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. Со ова Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат значајна промена во управувањето со цврстиот отпад.

Овој проект е во насока на спроведување на целите и политиките на Владата на РС Македонија, насочени кон промовирање одржлив систем на управување со отпад.

 

 

 

Back to top button
Close