Без делото на партизаните тонеме длабоко

Денко Малески

Доволно е да направите само само неколку чекори од чаршијата под еден пасаж и веќе сте во тивок сокак со стари струшки куќи. Тука, една спроти друга беа музејот на браќата Миладиновци и една мала куќичка, направена во македонски стил со дрвена порта која води во простор со земјен под и ќерал. Дрвените скали, каква што е целата конструкција на куќичката, водат кон двете соби.

Тука, под кирија, живеело семејството на Владо Малески. До дрвената порта имаше мермерна плоча со звезда петократа,поставена од Сојузот на борците на која пишува: „Во оваа куќа, на 1 септемви 1941 година, во присуство на членот на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу, се одржа конститутивен состанок на месниот комитет на КПЈ за Струга и струшко“

.Во таа куќа живело семсјството на Владо Малески. Сеќавајќи се на тој 1 септември 1941, баба ми Докса ми раскажува: Влегов во собата со послужавник со слатко и студена вода за учесниците на состанокот, се млади луѓе. Ги послужив и тргнав кон вратата. Мајко, извика Кузман, ќе ни го дадеш ли Владо? Застанав, се исправив и реков: Вие сте негови, Владо е ваш! Следеше еден силен аплауз. Татко ми Владо, пак, зборуваше за Кузман Јосифовски-Питу, како за неустрашивиот организатор на востанието во Македонија. Во негова чест е поставена биста на народниот херој пред куќата.

Денес ја гледам сликата од разрушената куќичка и бистата на Кузман Јосифовски-Питу, над која надвиснале урнатини. Куќичка е споменик, на НОБ и на Кузман Јосифовски-Питу, колку на стружанецот Владо Малески, избран за секетар на партискиот комитет за Струга, токму на тој состанок. Дури и во време кога парите се најважни, некои поинакви луѓе би ја вклопиле некако куќичката-музеј во новиот амбиент, ама не и ние. Како да ни е гајле за се што се случувало пред нас. Ама и таквиот однос има цена. Затоа, еве ги зборовите на предупредување кои ми ги има кажано татко ми Владо Малески, зборови врз кои толку пати сум се замисли. Рече: „Без нашето дело, тонете длабоко, да знаеш“.

 

 

Back to top button
Close