Без достоинствена плата, нема достоинствена работа

Одбележувајќи го светскиот ден на достоинствената работа, 07 Октомври Сојузот на синдикатите на Македонија истакнува дека целокупниот свој ангажман го темели на доследно почитување на концептот на МОТ за пристојна работа.

ССМ континуирано укажува дека правата на работниците и достоинството на трудот се основата на развојот на економските, општествените и социјалните политики во земјата и дека достоинството на работниците и граѓаните мора целосно да се почитува како од сопствениците на капиталот и работодавачите така и од креаторите на власта во државата.

Притоа ССМ како репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата истакнува :

– Нема достоинствена работа без достоинствени плати кои ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и нивните семејства. Секој работник мора да има пристап до здравствено и пензиско осигурување, како и поддршка при невработеност, односно целосна социјална заштита.
ССМ укажува дека платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци, дека истите создаваат сиромаштија, поттикнуваат масовна миграција и затоа нивното зголемувањето е неопходно и итно, зголемувањето на платите мора да овозможи достоинствен живот.

– Работниците во Македонија се соочуваат со ниски плати, со несигурни работни места и се соочуваат со ограничено учество во процесите на одлучување.
Затоа ССМ бара социјален договор и дијалог кој ќе обезбеди фер можности и социјална сигурност, почитување и заштита на работничките права, институции што работат во интерес на работниците и граѓаните и институции кои нема да бидат под влијание на корупција и дневните политики;

– Нема достоинствен живот без развојни економски мерки и активности и создавање на реални услови за нови перспективни инвестиции. Рестриктивните мерки, штедењето, стагнација на платите, пензиите и другите приходи на работниците и граѓаните во услови на висока инфлација и пораст на цените на основните животни продукти ја поттикнува сиромаштијата, ја намалува куповната моќ, го обезвреднува трудот и го уништува достоинството на работниците и граѓаните;

– Нема достоинствена работа без реални, одржливи и сигурни работни места, со договори за работа на неопределено време. Не се согласуваме со привремените и повремените работни ангажмани со минимална заработувачка, без платени придонеси и без никаква социјална заштита и сигурност со што се залагаме за мерки и активности за сузбивање на сивата економија и непријавената работа;

– Нема достоинствена работа без закони во трудово – правната област кои ќе се засноваат на меѓународните трудови стандарди и ќе гарантираат 40 часовна работа недела,ограничување на прекувремената работа, право на дневен, неделен и годишен одмор, здрави и безбедни услови за работа и др.

– Нема достоинствена работа без развиен социјален дијалог и колективно договарање на сите нивоа;

– Нема достоинствена работа без почитување на правото на синдикално организирање и здружување;

– Нема достоинствена работа без почитување на правото на еднаквост и демократија, без дискриминација и целосна заштита на човековите права, зелена економија, праведна транзиција, грижа за човековата околина и одржлив развој;

Во оваа прилика уште еднаш укажуваме дека целта – обезбедување на достоинствена работа за сите, можеме да ја постигнеме само и единствено доколку сите заедно, социјалните партнери, синдикатите, работодавачите, владата, невладиниот сектор, експертската и стручна јавност се обединиме и ефикасно ги реализираме заеднички креирани активности во насока на развој на економските и општествените односи, но истовремено со целосно почитување на работничките и граѓанските права и човечкото достоинство.

Back to top button
Close