Без казни и дискриминација туку со даночни олеснувања и детски додатоци до зголемување на природниот прираст

Во светот различни семејни политики се применуваат за справување со демографската стагнација, од т.н. „модел на семеен количник“, што се применува во Францускиот даночен систем, т.н. „универзален додаток за деца“ во Италија, до исплаќање „надоместок за мајчинство“ во Русија или „поврат на данок за родителство“ во Сингапур. Израел, пак, како резултат на своите семејни политики може да се пофати со висока вкупна стапка на прираст која изнесува 2,9 деца по жена.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот го потпиша Законот за даноци и издвојување, кој покрај одредени намалувања на федералната помош за граѓаните, зголемување на трошоците за безбедноста и значителни даночни олеснувања, предвидува и зголемување на додатоците за деца.

Со оваа измена, помошта се зголемува од сегашните 2.000 долари на 2.200 долари за дете на возраст до 17 години. Овој надомест во САД е воведен во 2018 година, за потоа да биде зголемен на 3.000 долари по дете за време на Ковид пандемијата, како времена мерка, по што тој одново е вратен на 2.000 долари.

Зголемувањето на овој надомест доаѓа во време кога вкупната стапка на прираст во САД изнесува во просек под 1,6 деца по жена, па се очекува овој потег да резултира со нејзино зголемување за три до 10 проценти и да им помогне на семејствата да ги остварат сопствените цели за бројот на деца. Според истражувањето на американскиот Институт за семејни студии, оваа мерка би придонела за зголемување на природниот прираст и на населението во САД, а исто така би ги стимулирало и граѓаните да стапуваат во брак, да имаат повеќе деца и со тоа да се создаваат „посилни семејства“.

Но, САД не се единствената земја што презема мерки, па од почетокот на веков политики за поттикнување на природниот прираст преку финансиски додатоци и даночни олеснувања преземаат десетици држави ширум светот.

Анализата на Институтот за семејни студии покажува дека ваквите политики придонеле за зголемување на прирастот за од 0,09 до 0,18 деца по жена, што укажува дека методологијата „готовина за деца“ функционира. Во просек, зголемената финансиска поддршка за семејствата за околу 0,7 отсто од БДП резултира со раст на стапката на прираст за околу девет проценти.

Така, стимулативните мерки во Унгарија резултирале со раст на стапките на склучени бракови и на стапката на прираст, која од 1,25 во 2012 година се зголемила на 1,52 деца по жена во 2022 година. Според податоците на ОЕЦД, Унгарија за семејни политики издвојува средства на ниво од 2,3 проценти од БДП, а за директни финансиски бенефиции за семејствата – 1,3 отсто.

Овие мерки, меѓу другото, вклучуваат доживотно ослободување од плаќање данок на личен доход за мајките со најмалку четири деца, простување на дел до хипотекарниот долг по родено дете, даночни олеснувања за семејствата со најмалку две деца и намалување на ДДВ за домување за семејствата.

Дополнително, семејните политики на унгарската Влада се насочени и кон субвенционирање на замената на постојните дотраени станбени единици со модерни домови, со што на семејствата би им се овозможиле подобри услови за одгледување деца.

Слични позитивни тенденции во поттикнување на бројот на новородени деца покажуваат и мерките преземени во Полска, каде вкупната стапка на прираст изнесува 1,39 деца по жена. Тие мерки опфаќаат системи за надоместоци за секое дете, повисоки прагови за даночно ослободување и хипотекарни субвенции за повеќедетни семејства и политики за прилагодување поради демографската стагнација.

Франција применува модел на даночно олеснување за семејствата со деца, кои, меѓу другото, опфаќаат разни даночни бенефиции, како што е одбивање од данокот на доход на одредени трошоци поврзани со децата, пониски даноци за наследство за поголеми семејства, како и „детски додатоци“ насочени кон намалување на товарот за одгледувањето деца и надомест за секое новородено дете.

Францускиот даночен систем користи т.н. „модел на семеен количник“, при кој остварениот приход во домаќинството се дели со бројот на негови членови, што ги вклучува и возрасните и децата, со што ефективните даночни стапки се намалуваат колку што е поголем бројот на деца.

Клучна цел на овој модел е компензирање на високите трошоци за живот за француските семејства со цел одржување и поттикнување на вкупната стапка на прираст која изнесува 1,68 деца по жена.

Германија, пак, за поттикнување на природниот прираст, чија стапка е на ниво од 1,38 деца по жена, применува детски додаток, кој изнесува од 250 до 300 евра месечно по дете.

Како и во Франција и германскиот даночен систем предвидува модел со кој се овозможуваат помали ефективните даночни стапки за брачните двојки со деца, како и одредени даночни олеснувања за повеќедетните семејства.

Италија има т.н. „универзален додаток за деца“ со кој се овозможува директни намалувања на даноците и додатоци за намалување на фискалниот притисок на домаќинствата со деца. Паралелно со оваа политика на национално ниво, одредени италијански региони применуваат даночни олеснувања за повеќедетните семејства.

Во Русија се исплаќа „надоместок за мајчинство“, односно финансиски субвенции за секое новородено дете, а некои федерални руски региони даваат даночни олеснувања за мајките со најмалку три деца.

Кина, која долги години водеше „политика на едно дете“, сега соочена со намалување на населението започна со воведување мерки за стимулирање на прирастот. Така, воведени се даночни олеснувања за семејствата со деца, кои меѓу другото предвидуваат и намалување на приходот што се оданочува за секое издржувано дете. Дополнително, некои градови и провинции пружаат дополнителни даночни олеснувања за второ или трето дете.

Јапонија нуди надоместоци за издржувано дете, одредени директни даночни олеснувања и субвенции за школување на деца. На локално ниво во некои реони има и делумни даночни олеснувања за семејствата со најмалку три деца.

Јужна Кореја, која има вкупна стапка на прираст од 0,75 деца по жена, има скромни даночни олеснувања поврзани со децата, но нуди финансиски бенефиции и субвенции за домување на семејствата со деца.

Сингапур на секоја вработена мајка на малолетни деца и нуди ослободување од оданочување на остварениот приход и до 25 отсто по дете. Покрај ова, Сингапур има и „поврат на данок за родителство“ со кој на граѓаните директно им се намалува данокот што го плаќаат во износ од 5.000 до 20.000 сингапурски долари (од 3.341 до 13.365 евра) по дете.

Дополнително, државата дава и парични бонуси и грантови за новороденчиња.

Израел исплаќа парични надоместоци за секое дете, кои се повисоки за повеќедетните семејства. Покрај ова, државата ја субвенционира грижата за деца и нивната здравствена заштита, што се заедно придонесува израелската вкупна стапка на прираст да изнесува 2,9 деца по жена.

Иран нема официјална политика за справување со падот на наталитетот, но во план се некои даночни олеснувања за семејствата со најмалку две деца.

Нордиските земји, пак, нудат скромни даночни олеснувања или одбитоци поврзани со децата, но природниот прираст се стимулира со исплата на „детски додатоци“ и со субвенционирање на грижата за деца.

Генерално, земјите повеќе преферираат да го стимулираат природниот прираст со финансиски надоместоци и детски додатоци, отколку со даночни олеснувања. Во основа, со даночните политики за поттикнување на наталитетот на индиректен начин корист имаат семејствата со деца, создавајќи фактичка разлика во однос на даночните обврзници без деца. Сепак, тоа не се толкува како „казнување“ на оние кои избираат да немаат деца, туку како стимулации во рамки на демографската политика насочени кон поттикнување на наталитетот.

Но, експертите од оваа сфера се согласни дека додатоците, стимулациите и даночните олеснувања сами по себе нема да го дадат саканиот резултат поврзан со поттикнување на прирастот, доколку не се проследени со соодветни политики за домување, грижа за децата и за вработување.

Back to top button
Close