Без компјутер за онлајн-настава се 18 ученици во село Пласница

– Осумнаесет ученици во ОУ „Мустафа Кемал-Ататаурк“ од село Пласница се уште немаат компјутери за да следат онлајн-настава. Но бројот е помал во споредба со почетокот на учебната година кога без ИТ-уреди беа 58 ученици.

Македонско-турската комора во земјава обезбеди 40 нови компјутери за исто толку ученици од ова училиште, кои ќе им бидат на располагање се додека наставата од петто до деветто одделение.се одвива на далечина.

Директорот на училиштето, Риза Реџепоски, изјави дека на преостанатите 18 ученици, предметните наставници им обезбедуваат литература од која тие може да учат и да бидат во чекор со наставата.

-Бидејќи немавме можност на сите ученици да им обезбедиме компјутер, за овие 18 ученици наставниците подготвија материјал од она што останатите ученици го следат онлајн, ќе им помогне и следењето на наставата што се емитува на јавниот телевизиски сервис. Учениците периодично ќе  доаѓаат на училиште за да го подигнат материјалот подготвен од нивните наставници, за на крајот да полагаат и да се провери дали го совладале, рече Реџепоски.

Во училиштето „Мустафа Кемал-Ататаурк“ во село  Пласница онлајн-настава следат 204 ученици, додека 145 до четврто одделение наставата ја следат со физичко присуство.

Директорот Реџепоски е задоволен што во нивното училиште засега нема ниту ученици, ниту наставници, инфицирани со КОВИД-19.

Back to top button
Close