Без морални оставки нема правда за трагедијата во Кочани

За неселективна правда неопходни се експертска привремена влада и две морални оставки, на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, и една посебна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Без привремена непартиска експертска влада не е можна непристрасна истрага и конечна правда за виновниците кои ја предизвикаа и кои не ја спречија трагедијата во Кочани. За тоа да се случи неопходни се две морални оставки и една во заштита на правосудниот систем. Прво, на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а како посебно значајна и на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Моралните оставки и онаа на јавниот обвинител се најдобрата гаранција да се обезбеди правда во партизираната држава.

Оставките на премиерот и на министерот за внатрешни работи и изборот на експертска привремена влада ќе овозможат непристрасна истрага без партиски влијанија, а оставката на јавниот обвинител ќе ги анулира притисоците врз обвинителството и правосудниот систем. Јавниот обвинител Коцевски до само пред еден месец беше под силен притисок на власта и лично на премиерот Мицкоски со јавни прозивки и закани да си поднесе оставка со најава за негова смена во Собранието доколку самиот не замине.

Обвинителот Коцевски тогаш имаше дециден и храбар одговор на таквиот притисок дека се нема огрешено од законите и дека нема да поднесе оставка. Со други зборови, беше подготвен да биде разрешен од функцијата. Тој чин беше поздравен не само од стручната јавност како редок случај во Македонија да не се потклекнува пред партиски и политички притисоци. Таквото разрешување на јавен обвинител со смените на судиите во Судскиот совет ќе ја изнесеше на виделина вистината дека најголемиот виновник за изгубената доверба во правосудниот систем се политичките влијанија и притисоци на властите со единствена цел да се донесат партиски послушници во најзначајната сфера на парламентараната демократија: владеење на правото, што е и најголемата фабричка грешка на целиот општествен, политички и економски поредок во Македонија што овозможува озаконета корупција и организиран криминал и неказнивост која со децени ја уништува и деградира државата.

Разводнување на истрагата

Но, преплашената власт од трагедијата во Кочани преку ноќ го смени своето мислење. Својот спас од одговорноста што не ја спречи трагедијата, ја побара во истиот состав на правосудниот систем со „два отсто“ доверба и во истиот јавен обвинител за кого подготвуваше разрешување. Премиерот Мицкоски тоа го оправда пред јавноста со вчудоневидувачки аргументи дека не е време за промени и со уште една прикриена закана дека јавниот обвинител Коцевски ќе продолжи да ја работи својата работа во зависност од тоа колку ќе ги исполнува истрагите и наодите на полицијата за сите несреќи кои се случија во изминатите 34 години.

Уследија експресни апсења на над 60 осомничени со што е разводената целата истрага која најмалку се сведе на клучното прашање зошто не е спречена трагедијата во која досега го изгубија животот 62 лица, најмногу млади луѓе, а 200 се повредени. Многумина со трајни последици. Евидентен е обидот да се забошотат несоборливите докази дека има цела низа тешки законски пропусти трагичната вечер во кочанското огнено кабаре, во кое имаше присуство на повеќе полицајци, кои доколку ги почитувале законските прописи морале да го забранат настанот од безбедносни причини.

Ваквиот тек на релативизирање на истрагата јавниот обвинител Коцевски го прифати со што предизвика сомнеж дека се оди во погрешна насока на долгогодишни маратонски судски процеси и на селективна правда. Што, вообичаено, на крајот политиката пак ќе го обвини судството за најголем виновник што нема правда.

Досегашните јавни настапи на морално најодговорните актуелни функционери веќе навестуваат таква разврска кога со апсењата и многубројните осомничени лица ги прикриваат вистинските виновници. Затоа е и нивното скандалозно медиумско непочитување на пресумцијата на невиност, при што предничат премиерот Мицкоски и министерот за внатрешни работи Тошковски.

Кочани осамено во протестите

Првичните протести на јавноста во земјата по партиската мобилизација во ВМРО-ДПМНЕ и на истражните државни институции се сведоа само во Кочани без поддршка во другите градови, што јасно покажува дека апсењата на над 60 осомничени имаат цел да се одбегне не само моралната одговорност, туку и кривичната со селективна правда и долги судски процеси кои на крајот и трагедијата во Кочани ќе ја поместат во заборав. И уште нешто пострашно, наместо правда, трагедијата ќе биде морбидна предизборна кампања.

Има уште една многу значајна работа од државен интерес зошто е неопходна привремена експертска влада. Таков состав на влада од познати јавни непартиски стручни личности е потребен да ја преземе одговорноста да се донесат уставните измени. Не под диктат на Бугарија и на ЕУ, туку по диктат на државните и граѓански интереси. Влезот на Бугарите во македонскиот устав заедно со Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Власите, Ромите, Хрватите, Црногорците, Евреите и Египќаните со наша еднострана одлука обезбедува речиси едногласна одлука во Собранието со над 100 гласа со веќе јавно искажаната поддршка на опозицијата. Тоа донекаде ќе ги ублажи и лагите на власта во предизборните кампањи дека ќе ги промени веќе склучените и ратификувани договори со соседите Грција и Бугарија. А и сегашната опозиција ќе се ослободи од лагите дека извршила национално велепредавство.

Со еден таков чин на единство би се тргнало во преговори со остварување на најтешкиот дел за членство во Унијата, а тоа се несомнено реформите кои се влезени како ветувања на сите влади и институции на системот, на сите релевантни политички партии од прогласување на независноста до денес. Остварувањето на реформите за побрз сестран економски и демократски развој на Македонија треба да стане најважниот политички натпревар.

Тоа е период во кој најверојатно ќе се сменат повеќе владини и собраниски гарнитури што ќе создаде еден поинаков амбиент во земјата меѓу граѓаните и во меѓупартиските односи. Тој меѓупартиски консензус во сите држави кои стана членки на ЕУ е најважниот предуслов за успешно приклучување на европското семејство. Успешното спроведување на реформите ќе ги зајакне позициите на Македонија и во однос на ЕУ и на соседите и ќе ги елиминира ветата зад кои се кријат други мотиви.

И конечно најважната и прва работа во спроведување на реформите, која е и најтешка и со која се соочуваме без видливи резултати од денот на независноста, е владеењето на правото што е најважниот предуслов за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал. Успехот да се воспостави владеењето на правото, ослободување од стравот на луѓето во институциите на системот да постапуваат според законите ќе ги елеминира во голема мерка не само криминалот и корупцијата, туку и трагедиите кои ни се случуваат токму поради непочитување на законите.

Знам дека ова наликува на утопистичка приказна со оглед на нашите состојби, но ако власта има поинакви и подобри решенија нека ги соопшти јавно, а не со лажно јуначење и со антиевропските одлуки како што беше гласањето во ОН за украинските резолуции кои ја изолираа Македонија и никој веќе не ја спомнува во најавеното проширување на ЕУ со државите од таканаречениот Западен Балкан. Еве веќе поминаа десет месеци, а владата не соопштува никаква визија во кој правец ќе оди. Очигледно и тие не знаат каде одат.

Back to top button
Close