Без преседан

Сега или кој знае кога.

Со оваа реченица ја заврши средбата во Собранието специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој во пресрет на преговорите во Охрид меѓу Белград и Приштина имаше средби и со нашиот државен врв. Сега или кој знае кога се однесуваше на нашата спремност како држава да ги продолжиме преговорите со ЕУ по промената на Уставот или тука да застанеме и да чекаме кој знае кога нова можност!

Сериозно ме замисли овој г-дин Лајчак, слушајќи го внимателно на средбата на која и самиот бев присутен. Беше доста сериозен. Неколку пати повтори дека подобар предлог од овој, мислејќи на Францускиот предлог, нема да добиеме. Ме замисли и од причина што знам дека работите овде во мојата Македонија секогаш кога треба да се решаваат крупни прашање одат многу тешко. Ме замисли затоа што постојано се случуваа, се случуваат и ќе се случуваат во периодот пред нас некои работи кои се навистина без преседан. Е затоа нешто да кажеме.

Некаде пред крајот на годината се објави едно истражување на јавното мислење спроведено од ИРИ според чии што резултати политичар со најголем рејтинг во нашата земја е Никола Груевски. На 24 февруари минатата година Европа и светот се разбудија со почеток на една страшна воена агресија врз суверена држава и нација од страна на нејзиниот сосед, тоа е агресијата на Русија врз Украина, но голем дел од Македонците се обоија во Руски бои и застанаа со недвосмислена и силна поддршка зад Русија. ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори, се изјаснија дека нема да гласаат за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот. Ќе гласале за уставни измени ама само со друго парламентарно мнозинство кога ќе биле на власт, инаку ништо. Тоа е впрочем и нивната агенда за пред меѓународната, дајте ни власт и ние ќе испорачаме се што треба. Барем да бидат чесни и да им кажуваат на народот колку се конструктивни на средбите со странците.

Па многумина почитувани се прашуваат каква е оваа ситуација, што е ова со нашиот народ и со нашите политичари? Ова се вика ситуација без преседан. Вакво нешто тешко се наоѓа на друго место.

Ваква недораснатост, ваква политичка незрелост, “недокваканост“ кај многу политички фактори, ваква уцена на сопствената држава никој до сега на Балканот нема направено. Особено сега кога треба да го направиме последниот чекор до она во што сите се “колневме“, да бидеме полноправни членки на ЕУ.

Полека навлегуваме во период кога треба да носиме крупни одлуки за иднината на нашиот народ и нашите деца. Пред нас е една обврска која сме ја превземале и која мора да ја завршиме. Тоа е компромис за да одиме напред. Нека излезе некој со силни аргументи и нека каже што е тоа толку големо што ќе го изгуби Македонија ако ги внесеме Бугарите во уставот. Ајде нека каже. Ама нека каже и колку ќе изгубиме ако не ги почнеме преговорите и ако запре целиот овој процес. Подобар предлог нема да имаме на маса. Јас го разбирам мојот народ дека е разочаран од уцените на Бугарија и долгото чекање за отпочнување на преговорите, но што е тука е, до тука сме стигнале зар сега ќе застанеме. Што друго можеме сега да направиме освен да го довршиме тоа што сме го започнале. Гледам постојано некои “човечиња“ по емисии како излегуваат и зборуваат се и сешто, од разни партии и организации, некои сериозни а некои ебиветровци, разни историчари и експерти за се и сешто. Буквално се натпреваруваат меѓу себе кој поголема манипулација ќе успее да пласира и да ги залажува граѓаните. Плачат дека им го земале идентитетот, ги бугаризирале, им ја украле историјата, абе го утепаа народот од неиздржани теории. Постојано се во некој натпревар кој повеќе ќе го “буцка“ и “оштри“ народот против Бугарија, токму сега кога треба да го затвориме ова прашање. Треба сега да им текне на луѓето дека така ги плашеа и за Преспанскиот договор, ги плашеа и за Францускиот предлог, па ништо од тоа. Идентитет ќе сме изгубеле, јазикот ќе го изгубиме, па изгубивме ли нешто? Каде се сите тие “експерти“ да се извинат.

Почитувани, ние со Францускиот предлог и со нашата обврска за внесување на Бугарите во уставот го затвораме “последното“ барање на Бугарија. Кога велам последно мислам формално-институционално што се однесува до Брисел. Тоа им е јасно на многу кругови и во Софија па затоа и таму активно работат на тоа да не успееме да ги внесеме во уставот за да имаат аргументи за понатаму. Тоа во овој момент повеќе им одговара на тамошните националистички кругови. Некои наши политичари како тоа да не го разбираат или бар така им конвенира партиски. Постојано ни кажуваат што ќе прави Бугарија понатаму, на пример нема да не признава, нема да ни го признава јазикот, историјата, ќе ни го бара Гоце и слични работи. Да сето тоа е точно, Бугарија ќе продолжи да го прави тоа, но таа ќе нема веќе понатаму механизам да не спречува да напредуваме во преговорите за ЕУ по поглавјата, понатаму се е до нас. Кога ќе ја завршиме обврската со измените на уставот и ќе почнеме да преговараме по кластери добиваме многу помошни механизми и алатки за понатаму и веќе нема можност да бидеме спречени, незнам зошто постојано го нагласуваме тоа што ќе прави Бугарија, абе што сака нека прави ние преговараме понатаму со Европската комисија, зошто околу ова политичарите постојано манипулираат. Играат на емоции кај народот а тоа не е добро. Навистина не гледам силен аргумент зошто да не прифатиме да влезат во уставот Бугарите и да го затвориме ова прашање. Конечно ги слушам и оние аргументи дека ова е уцена, ова било под диктат на Бугарија, поддршката кај јавноста за измени во уставот била многу ниска. Се согласувам со многу работи, многу пати животот не е фер но проблемите мора да се решаваат не само да се констатираат. Впрочем како може да има поддршка во јавноста за вакви теми, се работи за еден разочаран народ кој долго време е во чекалната за ЕУ, народ кој има голема недоверба кон се што мрда, ако вие го утепате со пропаганда дека нешто е опасно и лошо по неговиот идентитет како може да очекувате поинакви резултати. Политичарите имаат должност и наспрам ветрот да носат одлуки кои се од суштинско и национално значење за народот и неговиот просперитет, не смеат да се правдаат или уценуваат врз грбот на “јавното мислење“.

Во деновите кои следат пред нас треба лидерите на парламентарните политички партии да почнат се почесто да разговараат околу начинот како ќе тече процесот на уставни измени затоа што време многу нема. Треба да се седне со опозицијата и да се види до каде е работата. По ова прашање едноставно треба широк консензус со разбирање за тежината и значењето на овој процес. Иако опозицијата отиде некако предалеку со своите изјави околу уставните измени дека нема да дадат поддршка па сега им е тешко како да се вратат назад, секако дека има таму разумни луѓе кои ги разбираат овие работи и со кои може да се разговара. Верувам дека ја разбираат сериозноста на овој моментум. До колку за жал не дојде до некои опипливи договори и разбирање секако дека неопходно ќе биде да се вклучи и меѓународната заедница со сиот свој дипломатски габарит па ќе гледаме повторно некое “ново пржино“, “нов Охрид“ како што вообичаено овде на Балканот се решаваат проблемите.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close