Без уставните измени, процесот на преговори со ЕУ запира, тврдат извори од Унијата

Северна Македонија ги почна пристапните преговори со ЕУ на 19 јули, минатата година и во моментов во тек е билатералниот скрининг кој успешно се одвива и треба да заврши на крајот од годинава. За да продолжи втората фаза од пристапните преговори услов се уставните измени и секако прогрес во реформите.

Според извори од ЕУ за МИА, ова е обврска која произвелегува од билатералните разговори на земјата со Бугарија за вклучување на бугарската заедница во Уставот. Станува звор за суверен избор на земјата, а според досегашните примери Северна Македонија има силно досие во однос на меѓуетничките односи. Првпат штом беше изнесено прашањето немаше поголеми противења, освен од една партија, но потоа стана високо политизирано прашање, велат европските извори.

Според нив останува да се види дали ќе биде постигнат консензус односно дали ќе биде обезбедено потребното мнозинство во Парламентот за уставни измени, а критичен момент ќе биде завршувањето на скринингот, на крајот на годинава. Доколку тоа не се случи, процесот ќе запре таму, предупредуваат од ЕУ.

Добрососедските односи се клучен дел од пристапните процеси и во тој контекст се очекува спроведување на билатералните договори како Преспанскиот и на Договорот за добросоедство во добра волја и од сите страни, велат од Унијата и додаваат дека Брисел не сака да увезува спорови.

Во контекст на тензиите кои се создадоа во последниве недели на релација Скопје-Софија, евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изрази јасна осуда на изјавата на европратеникот Ангел Џамбаски за терироријалните претензии и ја оцени како неприфатливи. Гир при тоа потсети дека и Европскиот парламент и бугарското МНР се оградија од овие изјави и подвлече дека таквите тврдења не ја претставуваат и не можат да ја претставуваат ЕУ.

За вчерашните забелешки кон претседателот Стево Пендаровски, кои може да се протолкуваат како закана, амбасадорот Гир истакна дека тоа апсолутно не го претставува ставот на ЕУ.

-Тоа не ги одразува вредностите на кои е основана ЕУ. Неприфатливо е јавна личност да дава вакви забелешки за кој било, а камоли за демократски избран шеф на држава на суверена држава, се вели во пишаната изјава од евроамбасадорот Гир.

И покрај загрижувачките изјави од некои поединци, кои ги поткопуваат добрите односи меѓу двете земји, и постигнатите добри резултати во однос на трговска размена, извори од ЕУ посочуваат дека во интерес на Бугарија и Северна Македонија е одржување на добрососедските односи и она што е важно, намалување на тензиите, а двете влади да продолжат да разговараат.

За уставните измени постои оптимизам. Можност да се создадат услови за поддршка на уставните измени се гледа пред се низ водење рационална дискусија со сите политички субјекти за тоа зошто се потребни измените на Уставот, што ќе донесат, какви импликации ќе имаат, а посебно во однос на стратешката цел на земјата за ЕУ членство, оценуваат од Унијата.

Оттаму наведуваат дека се нотира оти францускиот предлог како повторно да ги крева тензиите во земјава, но наведуваат дека неколку претседателства на ЕУ не успеаја да ги одблокираат преговорите, а тоа се успеа со францускиот предлог, со кој беше постигнат компромис низ тешки преговори.

Во однос на ставот на опозицијата која се противи на уставните измени во вакви услови и инсистира на добивање гаранции од ЕУ дека по нивното донесување нема да има нови блокади од Бугарија, според ЕУ извори тешко е да се замислат какви било гаранции кои би можела Унијата да ги даде дека во некоја точка од процесот на преговори нема да се појави ново вето. Но потсетуваат идека и Мишел и Фон дер Лајен во Скопје силно се обврзале дека нема да се дозволи прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот да бидат користени за да се запре прогресот на земјата. Додаваат дека постои голем интерес на ЕУ и земјите-членки да не се дозволи вакви прашања да станат дел од преговарачкиот процес.

Земјата треба да се фокусира на нејзината долгорочна цел, членството во ЕУ преку фокусирање на европската реформска агенда и спроведување на процедурата за уставни измени која е доста сложена, оценуваат извори од ЕУ.

Back to top button
Close