„Безбеден град“ се уште се чека, иако над 140 луѓе годишно го губат животот во сообраќајки
Во подготовка е долгоочекуваниот систем „Безбеден град“ кој ќе ги евидентира и санкционира сообраќајните прекршоци, но од МВР се уште не прецизираат кога ќе биде целосно пуштен во употреба. Над 140 лица во земјава секоја година се жртви на сообраќајни несреќи, многу од нив токму поради сериозни сообраќајни грешки, но системот што треба да ги открие се уште не е во функција.
„Поставувањето на камерите се очекува да заврши во текот на 2025 година. Сообраќајниот прекршок ќе се документира со соодветни технички средства и уреди за снимање, додека на сопственикот на возилото ќе му биде доставена соодветната пријава за сторен сообраќаен прекршок“, соопшти сега МВР иако според најавите на министерот Панче Тошковски овој систем требаше да профункционира на почетокот на годината.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во јули потврди дека поставувањето на камерите од системот „сејф сити“ е при крај и оти очекува и би сакал тој да почне да функционира од почетокот на 2025 година.
-„Сејф сити“ е проект кој е од круцијален интерес за Македонија, првично за Скопје како центар, секако за Тетово и Куманово. Но, Скопје е главниот фокус, половина од Македонија е во Скопје, половина од прекршоците се во Скопје. Сметам дека ако можеме да возиме во рамки на дозволена брзина во Австрија и во Германија, може да возиме со дозволена брзина и во Македонија. Целта е да се намали бројката на смртни случаи како последица на небезбедно возење, рече Тошковски во интервју за Слободен печат во јули..
Што се однесува до првите казни од камерите за „Безбеден град“, министерот исто така вети дека до крајот на 2024 година ќе има законско решение кое ќе овозможи примена на овој систем.
-Не би сакал да си дозволиме да го воведеме, да се стави во функција, а притоа да имаме проблем со доставување на казните. Задолжително ќе мораме да имаме период на адаптација, јас би го нарекол превентивен период каде што би укажувале, би опоменувале, но тоа да не трае до бескрај. Мислам дека е разумен период од 30-тина дена. Јас би сакал да профункционираме од Нова година – вели министерот.
Освен што „Безбеден град“ сè уште се чека, сегашниот Кривичен законик не предвидува високи казни ниту за сторителите на кривични дела со смртни последици. Законот предвидува минимум четири години затвор, додека во пракса вообичаено се изрекуваат казни од четири до пет години. Но, во новиот Кривичен законик, кој во моментов е во фаза на изработка, се подготвуваат измени и се предвидуваат повисоки казни, изјави министерот за правда.
„Постојано работиме на усогласување на сите можни законски решенија со нашиот колега Тошковски, како за безбеден град, така и за ова што го кажувате, затоа се залагаме за максимални казни“, изјави Игор Филков, министер за правда.
Според статистиката на МУП, лани 24 пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи на бело светло, додека бројките покажуваат дека од 2010 година на македонските патишта животот го загубиле меѓу 116 и 198 лица. Потребата од построги сообраќајни правила беше особено видлива во неодамнешниот случај кога 22-годишната Фросина Кулакова беше удрена од 20-годишник без дозвола и под дејство на алкохол, додека поминувала на булеварот „Арадат Партизане“ на пешачки премин и на зелено светло. (racin.mk)