Безбедносната состојба во земјава е стабилна, останува дилемата за подметнатите пожари – вели Сиљановска-Давкова
Безбедносните дилеми дома и во светот, климата и пожарите, како и евроинтеграциите, биле трите точки на кои денеска дискутирале членовите на Советот на безбедност во Вила „Водно“, соопшти претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Заклучокот беше дека регионалната безбедност и безбедноста на земјава е стабилна и под контрола, и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми“, кажа претседателката.
Таа е загрижена што голем дел од пожарите низ земјава се подметнати, но вели века сè додека случаите се во предистражна постапка, тоа се само претпоставки. На состанокот од Владата информирале за системот на превенција на кој работат, a преку кој со помош на камери и дронови, точно би се лоцирале местата, па и сторителите на пожарите, а презентирани биле и законски промени и ангажирањето волонтери за пожарите.
Предложен е, додаде таа, нов проект, современ информативен систем за временски непогоди кај нас, со помош на вештачка интелигенција и пресметки, со кои, рече, може однапред да се предвидат низа ситуации.
„Пожарите се под контрола во моментов, тоа не се должи само на координираноста на домашните институции, помага и војската, но исто така имаме помош и однадвор, а се разбира и европска помош, и тоа навистина ги подобрува состојбите. Останува онаа дилема што со оние намерно предизвикани пожари“, рече претседателката.
За третата точка, евроинтеграциите, оценката била дека земјава треба да се држи до Копенхашките критериуми.
„Имаме Реформска агенда и План за развој, треба да се држиме до она што е најважно, до Копенхашките критериуми и најпрво она што е основен тест за сите, тоа е владеењето на правото. Се укажа на пакетот закони, изработен од страна на Министерството на правда, што се однесуваат на Јавното обвинителство, на Судскиот совет, на платите на јанвите обвинители и членовите на Судскиот совет итн. Се спомена и Законот за правична застапеност, тенденција на Министерството за правда е да ги праќа законите на мислење на Венецијанската комисија, што не го правевме често во претходниот период. Зошто е тоа важно? Да потсетам, според изменетата методологија не е услов само хармонизацијата на нашата легислатива со европската, туку и ефективното спроведување на законите и мислењата на Венецијанската комисија и на ГРЕКО“, кажа шефицата на државата.
Дискутантите, како што пренесе Сиљановска-Давкова, укажале на важноста на Извештајот за напредокот, кој земјава треба да го добие во ноември и ја истакнале потребата од активност на Националниот совет на евроинтеграции во Собранието и Комисијата за европски прашања, за да доаѓаат предлозите и критиките навреме.
Во услови кога повеќе земји најавуваат признавање на палестинската држава и се повикува на прекин на огнот, Северна Македонија сè уште не изградила позиции по ова прашање.
„Денешниот хендикеп на седницата беше отсуството на министерот за надворешни работи, бидејќи тој беше предвиден како еден од оние со кои ќе зборуваме за тоа, не зборувавме за тоа како ќе се однесуваме, но, неподелен беше ставот дека треба да се почитуваат нормите на меѓународното право, дека треба да се воспостави траен мир и дека човековите права се неприкосновени и треба Обединетите нации да имаат поголема улога, тоа беа денешните видувања“, соопшти претседателката.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во земјата кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната.