Безос, Закерберг, Пичаи, но и Ходорковски, учествуваа на инаугурацијата на Трамп
Директорите на главните технолошки компании во САД учествуваа на инаугурацијата на избраниот претседател Доналд Трамп, откако донираа милиони долари за потребите на оваа церемонија, но имаше покането и видни личности од други земји како Русија.
Со ова, американските технолошки милијардери ја покажуваат својата наклонетост кон староновиот претседател на САД, а во обид да купат услуги нивните компании да не станат предмет на истраги или да не бидат премногу регулирани.
На инаугурацијата денеска присуствуваа основачот на Амазон, Џеф Безос, директорот на Meта, Марк Закерберг, првиот човек на „Епл“, Тим Кук, и шефот на Гугл, Сундар Пичаи.
Медиумскиот магнат Руперт Мердок, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и поранешниот британски премиер Борис Џонсон исто така учествуваа на церемониите, вклучително и на миса во блиската црква „Св Јован“.
Многу од овие извршни директори го критикуваа Трамп за време на неговиот прв мандат, поради ставовите на староновиот претседател за климатските промени и имиграцијата.
Во ротондата на Капитолот денеска се појави и шефот на „СпејсИкс“ и Teсла, Илон Маск, кој е номиниран да води нов оддел за владина ефикасност во новата администрација. Маск потроши речиси 300 милиони долари помагајќи ја претседателската кампања и остана близок соработник на Трамп.
На инаугурацијата учествуваа и шефот на TikTok, Шу Зи Чу, додека неговата компанија се соочува со последиците од забраната во САД, како и Сем Алтман од „ОупенЕјАј“ но и Дара Косровшахи од Убер.
Михаил Ходорковски, поранешен руски олигарх, сега опозиционер и жесток критичар на Владимир Путин, во соопштение на Телеграм денеска откри дека добил покана за инаугурацијата на Трамп и решил да присуствува.
-Ме поканија на инаугурацијата, решив да отидам. Од љубопитност и треба повторно да се запознаам… Во Вашингтон има многу полициски патроли и улиците се затворени. Притоа, за церемонјиата се собраа стотици илјади луѓе. Сите ги пуштаат и нема некои големи проверки, напиша тој.
На настанот се појави и рускиот економист и опозиционер Андреј Иларионов, кој во 2000-те беше советник на Путин. На инаугурацијата на Трамп не беа поканети официјални руски лица.