БГНЕС: Околу 11 000 македонски државјани поднеле барање за бугарски пасош од 2020 до ноември оваа година

Во пандемиската 2020 година бројот на македонски државјани кои поднеле барање за добивање на бугарско државјанство бил 2 551, во 2021 година – 3 428, во 2022 година – 2 051, а од почетокот на оваа година до 24 ноември овој број изнесува 2 990 лица, пишува новинската агенција повикувајќи се на податоци од бугарското Министерство за правда

Властите во Софија во последните три години регистрираат двојно зголемување на барањата за бугарско државјанство, пишува новинската агенција БГНЕС повикувајќи се на податоци од Министерството за правда на Бугарија.

Агенцијата наведува дека согласно членот 29 став 1 од Законот за бугарско државјанство за стекнување бугарско државјанство во периодот од почетокот на јануари 2020 до 24 ноември годинава поднесени биле вкупно 75 805 барања.

Податоците на бугарското Министерство за правда за барањата за промена на државјанството, на кои се повикува агенцијата, укажуваат дека во периодот од јануари 2020 година до крајот на ноември е забележан двоен раст на барањата. Во 2020 година биле вкупно 11 447, во 2021 г. – 20 094; во 2022 г. – 20 825; додека годинава оваа бројка изнесува 23 439.

Најголем скок има кај граѓаните на Турција кои аплицирале за бугарско државјанство, додека кога станува збор за македонски државјани најмногу барања за бугарски пасош имало во 2021 година.

Во пандемиската 2020 година бројот на македонски државјани кои поднеле барање за добивање бугарско државјанство бил 2 551, во 2021 година – 3 428, во 2022 година – 2 051, а од почетокот на оваа година до 24 ноември овој број изнесува 2 990 лица.

На второ место во однос на приливот на барања се граѓаните на Украина, чиј број на баратели на бугарски пасоши за две години се зголемил двојно, а доаѓа веднаш по почетокот на руската агресија врз земјата.

Според податоците на кои се повикува БГНЕС, во 2020 година бугарско државјанство побарале 1 886 Украинци, во 2021 година – 3 133, во 2022 година – 4 508, а во 2023 година – 3 141.

Драстично зголемување е забележано кај граѓани на Турција кои аплицирале за бугарски пасош. За три години нивниот број скокнал за речиси десетпати. Така, во 2020 година барања за бугарско државјанство поднеле 660 турски граѓани, додека во 2023 година нивниот број се зголемил на 5 935 лица.

Постојан интерес за стекнување бугарско државјанство покажуваат и граѓаните на Молдавија, Албанија и Србија, каде, како што наведува БГНЕС има бугарски малцинства. Сепак, во однос на апликантите од Молдавија нивниот број се намалил за три години, односно во 2020 барања поднеле 2 068 граѓани на оваа земја, додека досега оваа година изнесува 1 518 лица.

Бројот на граѓани на Албанија кои поднеле документи за бугарски пасош од 1 022 лица во 2020 е удвоен во 2023 година и, според податоците на кои се повикува БГНЕС, изнесува 2 992 апликанти. Зголемување има и кај бројот на српски државјани кои бараат бугарски пасош. Нивниот број во 2020 година бил 800, а оваа година 1 151.

Очигледен, се наведува, е и растот на граѓани на Руската Федерација кои сакаат да станат бугарски државјани – од 279 во 2020 година на 2 261 лица оваа година.

Бугарија оваа година се покажала како привлечна и за 361 лице од Израел, при што, наведува БГНЕС, традиционално меѓу 200 и 300 Израелци годишно аплицираат за бугарско државјанство.

Инаку, според написот на агенцијата, многу од барателите на бугарско државјанство со натурализација поднесуваат фалсификувани и лажни документи, информирале од Министерството за правда. Ова се наведува и како главна причина за доцнењето во одлучувањето во врска со апликациите бидејќи Советот за државјанство голем број дополнителни проверки на досиејата на апликантите врз основа на бугарско потекло, со цел да се спречи натурализација на странци со фалсификувани или лажни документи.

Периодот во кој се вршат проверките на документите е осум-девет месеци, а се однесува на испраќање барања за проверки преку конзуларните служби на бугарските дипломатски претставништва во странство до надлежните странски органи.

Back to top button
Close