БГНЕС за решението на португалското претседателство: Македонија треба само да признае дека јазикот е кодифициран во 1944, а потеклото е изоставено
Предлозите за надминување на спорот со Бугарија со кои Македонија треба евентуално да добие датум за преговори во јуни, денеска во Софија ќе ги претстават министерот за надворешни работи на Португалија, Августо Сантос Силва, чија земја претседава со ЕУ, и комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји. Бугарската агенција БГНЕС го има документот за кој треба да се дискутира.
Документот практично ги „пренесува“ бугарските предлози во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, што е, сепак, процес каде не се носат оперативни одлуки. За разлика од пристапните преговори, Бугарија е лишена од можноста да реагира доколку Република Северна Македонија повторно не ги исполни своите обврски, толкува БГНЕС.
Од документот станува јасно дека властите во Скопје мора да подготват патоказ, чија имплементација мора да се следи во рамките на ПСА. Во исто време, треба да се забележи дека можноста за надгледување на спроведувањето на овој патоказ од страна на Советот за стабилизација и асоцијација (ССА) е во суштина необврзувачка можност да се разговара за ова прашање без инструменти на влијание.
Според БГНЕС, станува збор за нов декларативен и правно необврзувачки документ.
Документот од Португалија ѝ нуди на Македонија „да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, а потеклото е изоставено во предлогот на претседателството. Предвидува двете земји да дистрибуираат еднострани декларации за краткото и долгото име на Република Северна Македонија.
– Предлогот да се „потврди“ значењето на чл. 11 од Договорот преку еднострани декларации на кој било начин не ја обврзува Република Северна Македонија да ја прекине својата политика за воспоставување во Бугарија т.н. „македонско малцинство“ и нејзино промовирање на меѓународно ниво, смета БГНЕС.
Со декларацијата на Советот, потврдувајќи ги едностраните декларации на Бугарија и на РСМ, во пракса Советот става на едно исто ниво земја-членка – Бугарија и земјата-кандидат Македонија. Фактот дека во предлогот се споменуваат и „црвените линии на Северна Македонија“ може да се смета како апсолутен преседан, според БГНЕС.
Договорот вклучува „странски експерти“ во заедничката историска комисија.