Библиотеките како простор и за квир заедниците

Каква е праксата во клучните светски библиотеки со кои соработува НУБ и зошто библиотеките треба да бидат сигурен простор за ранливите млади луѓе.

Овој текст е напишан по повод предавањето во Националната универзитетска библиотека во рамки на проектот „Збогатување на библиотечните фондови со публикации коишто се однесуваат на ЛГБТ+ популацијата“, кое се одржа на 01/06/22 

 

Ова излагање би го отворила со ставот на Јирген Хабермас дека ниту една прогресивна промена не е резултат на иницијатива на институција на системот. Секогаш е резултат на подолга историја на знаење, борба, инсистирање, апелирање од страна на индивидуалци, односно интелектуални професионалци кои на тој пат се соочуваат со најразлични форми на притисоци, опструкции, сопки, но чија отпорност, трпение и фокусираност на целта, и постојано потсетување на институциите стојат во позадина на конечната одлука на институцијата да се помести од статус квото.

Историските, особено прогресивните поместувања на институциите, се секогаш на грбот на индивидуалците.

Големите институции – диносаурусите како универзитетите и академиите – во тој контекст секогаш доцнат, и им должат многу на љубопитните луѓе кои својата борба ја водат надвор од нив, или во некоја полу-релација со нив. Но, на тој начин, нивниот пат е исчистен и ја имаат привилегијата да бидат комфорни пред „историското поместување“. Е сега, како е овој став на Хабермас врзан со Националната универзитетска библиотека и моето излагање денеска.

Клучна теза на ова предавање, е дека Националната универзитетска бублиотека треба да оформи нешто како КВИР секција на книги. Место кое ќе биде јасно обележано како такво и во кое ќе бидат поместени клучни наслови – пред сè академски и теориски, но и белетристични квир наслови.

Со таа одлука, која е секако „политичка одлука“,  библиотеката ќе застане на иста идеолошка и политичка линија со познати академски значајни институции и библиотеки со кои и директно соработува, како на пример со Конгресната библиотека на САД (со која има долгогодишна соработка), а потоа и библиотеките на универзитетите како Беркли и Колумбија, Оксфорд и Кембриџ.

И независно од тоа што оваа споредба, имајќи го предвид политичкиот контекст, историјата на академскиот развој и потребите на катедрите, можеби делува наивно, сметам дека библиотеката има потенцијал да биде на исто ниво со овие институции.  Без оние веќе здодеани оправдувања дека се нема пари, дека кај нас тоа ќе биде прифатено со извесна скепса и сл.

Нека биде прифатено како сака, но нека се случи.

Земајќи го предвид нивниот развиток, квир филозофијата и теоријата стануваат значајни како културна, филозофска и литерарна материја за секоја публика и во секоја смисла. Нивната комплексна филозофска интерпретација на, на пример, (отфрлање на) состојбата на жртва, комплексот на вина, третманот на телото и проблемите на траумата и ослободувањето од неа (поминувањето низ траумата) создавањето на заедница и начин на живот на маргините и на острвите на различност – го менува и меинстримот на хетеросексуалната и хетеронормативна хиерархија. Како таква, квир филозофијата и културата стигнуваат на врвни теоретски нивоа во денешните современи филозофски расправи.

ЛГБТ литературата во клучни светски библиотеки

Во периодот по Стоунвол, тема на дискусија помеѓу луѓето кои работат и дејствуваат во рамки на библиотеките станува улогата на библиотеките во обезбедувањето информации и услуги за ЛГБТК лицата. Библиотеките играат важна улога за ЛГБТ+ лицата во процесот на информирање, излегувањето „од плакарот“, здравје и семејни теми, како и за слободното читање.  Во тој период, дискусијата за различните аспекти на ЛГБТК библиотечната услуга вклучува дискусија за развој на колекции, потреба од обуки и остручување на библиотечниот кадар, како и специјални услуги за малолетници и тинејџери.

Пропорционално со движењето за правата на ЛГБТ во другите арени, ЛГБТК активистите почнаа видливо да се залагаат за поголема застапеност во библиотеките околу 1969 година. Во 1970 година, во рамки на Американската библиотечна асоцијација (АЛА) формирана е Rainbow Round Table организацијата која е најстарата ЛГБТК професионална мрежа со фокус на библиотечна дејност и работа.

Во раните 1970-ти се покренува кампања за различно класифицирање на книгите со квир тематика во Конгресната библиотека од HQ 71–471 („Абнормални сексуални односи, вклучително и криминал“). Во 1972 година Конгресната библиотека ја имплементира промената, прекласифицирајќи ги тие книги во новосоздадена категорија, HQ 76.5 („Хомосексуалност, лезбејство – движење за геј ослободување“).

Во овој период активизмот за сензибилизирање на библиотеките кон оваа тематика има различни правци и дополнителни детали и иницијативи, но тука ќе се фокусирам на Конгресната библиотека, која е во партнерски однос со НУБ и чие партнерство би требало да подразбира слична идеолошка и политичка поставеност. И која, како партнерска институција, голем дел од патот во ова насока ѝ го има поплочено. Да повториме, НУБ не би направила ништо ново што за нејзините партнерски институции не е веќе децениска рутина. Овие партнерства можат да помогнат во имплементирање на промените и сензибилизирање и обука на кадарот.

Во 1988 година Работната група за Геј ослободувањето (Task Force on Gay Liberation) го објавува „Меѓународниот индекс на термини“, насочен кон стандардизирање на термините што се користат за каталогизирање на библиотечни материјали поврзани со хомосексуалци и лезбејки, и во библиотеката на Конгресот се менуваат или отстрануваат пеjоративните термини од насловите на различни теми во врска со привлечноста кон истополовите и ЛГБТ заедницата.

Во 2007 година, Работната група на проектот Виножито започна во рамките на Американската библиотечна асоцијација да го промовира присуството на ЛГБТК литература за малолетни и млади лица (над 16) во збирките на библиотеките. Групата сега одржува анотирана библиографија на ЛГБТК литература за млади и тинејџери, а прави и годишна листа што ги содржи најдобрите од ЛГБТК наслови. Ова е битно бидејќи да се биде член на НУБ треба да имате барем 16 години, што значи дека, повторно може да се надоврзе на таа пракса и на таа иделошка и политичка линија.

Годинава на 9-ти Јуни, Конгресната бибилиотека го прославува месецот на Гордоста со промоција на книга насловена „Тајниот град: скриената историја на геј Вашингтон“  на новинарот Џејмс Кирчик. Паралелно со промоцијата за јавноста ќе биде достапна и литературата што тој ја консултирал во текот на истражувањето. Дополнително, конгресната библиотека на својата интернет страница има посебна секција посветена на квир темите и месецот на гордоста каде стои историјат на движењето, но и каде библиотеката се повикува на сопствената одговорност да ја направи оваа историја и нејзините артефакти достапни за што поширока јавност.

„ЛГБТК Американците ја зајакнаа нашата земја, користејќи го својот талент и креативност во создавањето свест и добра волја. Библиотеката во континуитет се збогатува со историски и современи материјали. Придонесите на оваа заедница се зачувани како дел од историјата на нашата нација и вклучуваат истакнати уметнички дела, музички композиции и современи романи. Покрај тоа што ја има мисијата за стекнување и зачувување на оваа експоненцијално растечка историја, Библиотеката е одговорна да ја направи целата нејзина огромна колекција достапна за сите.“

Како што гледате, Конгресната библиотека не само што ги собира и архивира артефактите таа тоа и го СЛАВИ и потенцира, и соодветно е ГОРДА на сопствената колекција и мисија да ја направи достапна.

Е сега малку за библиотеките на значајни и признаени универзитети кои имаат посебни квир и ЛГБТИ секции:

  • Библиотеката на Универзитетот Беркли – кога барате „ЛГБТ“ наслови во нејзиниот каталог има има над 2.500 наслови, додека пак во рамки на специјализирани колекции и арихиви нуди над 190 наслови. На тема „родов идентитет“ нуди околу 16.500 наслови.
  • Понатаму, каталогот на Библиотеката на универзитетот Колумбија во Њујорк, како „ЛГБТ“ нуди над 4.300 наслови, додека ако едноставно внесете „квир“ во полето за пребарување се појавуваат околу над 10.000 наслови и тоа на различни јазици.
  • Библиотеката на Универзитетот Кембриџ пак има посебен оддел за ЛГБТ литература поделен по повеќе архиви и најавен со посебен воведен текст според кој „архивите нудат значајна колекција на примарни извори за историско проучување на полот, сексуалноста и ролот. Тие вклучуваат материјал кој датира од 16 век, нудејќи им можност на истражувачите да истражат како се менувале сексуалните норми со текот на времето, да ги земат предвид здравјето и хигиената, развојот на сексуалното образование, промената на родовите улоги, социјалните движења и активизмот, еротиката и повеќе.“ Дополнително библиотеката на Кембриџ во 2018 година прави спектакуларна прослава на месецот на Гордоста со поставување на знамето на ЛГБТ заедницата на кулата на универзитетската библиотека, која  е една од највисоките градби во градот. Во таа прилика се отвора и изложбата „Queering the university library“.

Лиам Симс, специјалист за ретки книги и куратор на изложбата „Queering the UL“ изјавува: „Од неговото појавување во Сан Франциско во 1978 година, знамето со виножито ја симболизира и различноста на ЛГБТ+ заедницата и гордоста што ја чувствуваат нејзините членови, и во веењето на знамето Универзитетската библиотека испраќа јасна порака дека таа е отворено и толерантно место“.

Д-р Џесика Гарднер, универзитетска библиотекарка, додава: „Придружувајќи се со другите институции низ Кембриџ, кои исто така го веат знамето, покажуваме дека нашиот град и универзитет се места каде што луѓето можат да бидат свои без страв од дискриминација“.

Во рамки на изложбата изложени се предмети кои датираат од 11 до 21 век, вклучувајќи докази за геј живот во средновековен Каиро, родова флуидност во Јапонија од 18 век и ефемери од енергичната ЛГБТ сцена во 1970-тите во Латинска Америка.

Во овие детали навлегувам со цел да потенцирам на кој начин неколку од клучните академски институции во светот обрнуваат внимание на важноста на квир и лгбт филозофијата и теоријата, но, како градиво кое се развива и добива легитимитет (не како простор кој се дава само како заштита на ранливи групи) туку дополнително како признание на таа исклучително битна академски и теориски прифилирана литература.

Дополнително како став дека верувам дека библиотеката може со својата содржина и мал поттик да им парира. Јас сум прилично уморна од оправдувањата и стереотипот дека светот и современите академски трендови се светлосни години напред. Бидејќи е многу едноставно да не бидат.

  • Понатаму, библиотеката Бодлеин, клучната библиотека на универзитетот Оксфорд и една од најстарите библиотеки во Европа минатата година го обележа месецот на гордоста под мотото #InclusionMatters со виртуелна изложба во чии рамки беше изложен избор на книги од библиотеката.
  • Доколку пребарувате во каталогот на универзитетот на Хардвард, под „ЛГБТ“ се појавуваат околу 4000 наслови, за „квир“ малку помалку од 9000. Дополнително, Библиотеката на правниот факултет на Харвард поконкретно објави селекција книги преку кои го слави месецот на Гордоста.
  • Британската национална библитека, која има соработка со НУБ, на својата интернет страница има посебна секција насловена LGBTQ HISTORIES во чии рамки поделени во дваесеттина помалу секции има артефакти како книги, документи, истражувања, текстови од весници, легислатива и слично кои датираат од 1500 та година.
  • НУБ соработува и со француската и австриската национална библиотека. Француската под ставката „ЛГБТ“ нуди околу 600 наслови, и над 1800 под „квир“. Австриската пак исто така под ставката „ЛГБТ“ има над 400 единици.
  • Дополнителен куриoзитет е Ирската национална библиотека. Во држава каде што црквата има ислучителна моќ и 80% од населението се верници – католици (десет се декларираат како не-религиозни) библиотеката во 2021 година се вклучува во настани во текот на целата година чија цел е истражување на ирските ЛГБТИ+ идентитет и искуства во последните неколку децении. Директорката на библиотеката Сандра Колинс изјавува: „Како чувар на меморијата на Ирска, библиотеката е посветена на собирање, зачувување и споделување на приказната за Ирска во сета нејзина богата разновидност. Ова вклучува историски помалку раскажани и маргинализирани наративи, како онаа на ирската ЛГБТИ+ заедница. За нас е важно различни групи да се чувствуваат видени и слушнати во збирките на библиотеката и во нејзината поширока работа; и дека се чувствуваат видливи, почитувани и вклучени“.

Како и да е битно е тука да се истакне дека библиотеките со кои НУБ соработува можат да послужат како примери за тоа како да се квалификува кадар да работи со ова тематика и со ЛГБТ лица.

Патот е изграден и едноставен. И по него треба само да се тргне. Без многу помпезност и драматичност околу тоа. Едноставно да се набави литература, да се смести во еден дел во една читална, кој ќе биде јасно обележан како таков. Со евентуално една комотна фотелја –  комфорно и хедонистички по примерот на Оскар Вајлд. Простор со малку комфор за учење и контемплација, бидејќи секоја борба заслужува простор за промислување и одмор (како уште една форма на индиректно промислување и филозофирање).

Колекцијата на ЛГБТ книги во НУБ

Тука ја има  Како да се биде геј од Дејвид Халперин, капитално дело во квир теоријата и исклучително важен придонес кон нашата културна сцена на бројни нивоа. Како што стои и во најавата за студијата – „Се работи за длабинска анализа на квир културата која има за цел да помогне во расветлување на природата и обликувањето на субјективитетот на геј-мажите, храбро и пркосно присвојувајќи ги токму најкритикуваните аспекти на нивното општествено (а не индивидуално) односно културно (а не сексуално) бивствување.“

Потоа, минатиот Викенд на гордоста, објавен беше исклучителниот зборник „Настрано заедничко – Политики на пријателство, љубов и афекти“ каде се објавени преводи на текстови од Лорен Берлан, Антонио Негри и Мајкл Харт и две интервјуа со Мишел Фуко.

Понатаму, во „Суров оптимизам“ од претходниот Викенд на гордоста, објавен е истоимeниoт текст на Лорен Берлан во кој таа пишува за суровиот отимизам како за социјално-демократско ветување од повоениот период, повлечено од САД и Европа. За тоа како луѓето се приврзани кон недостижните фантазии за добриот живот – за ветувањата за нагорна мобилност, постојано работно место, политичка и социјална еднаквост, и долготрајна интимност – и покрај доказите дека не можеме повеќе да се потпреме на либерално-капиталистичките општества и да очекуваме од нив да ни обезбедат можности за значаен и исполнет живот.

Понатаму, на македонски е објавена Хрестоматија на класични текстови од областа на родовата теорија во која се поместени текстови во авторство на Сандра Хардинг, Џудит Батлер, Лис Иригаре, Ив Косовски Сеџвик.

Има и на англиски серија книги за квир теорија во издание на Рутлеџ. Потоа белетристика и наслови за млади, соодветно на тоа што во библиотеката може да се зачленуваат лица над 16 години.

Така што библиотеката има серија одлични наслови за теорија и филозофија кои се одлични референци во истражувањата кои би ги преиспитувале неолиберално-капиталистиките, националистички политички и идеолошки линии, би ги истражувале љубовта и емоциите во хегемониската и хетеронормативна политичка морфологија (Славчо Димитров) и тие не смеат да бидат оставени во нејзините бескрајни и темни (а така шармантни) ходници туку да бидат издвоени во посебен дел и видливи како такви. Бидејки таквите филозофски преиспитувања му за нужни во современието.

Библиотеките како сигурен простор за ранливите млади луѓе

Дополнително, библиотеките се и простори за ранливите заедници. Меѓународна федерација на библиотечни здруженија и институции (IFLA International Federation of Library Associations and Institutions) во 2018-та година по повод Денот на младите објавува текст според кој:

„Библиотеките за младите луѓе, во преодна фаза помеѓу детство и  полнолетство, нудат важна можност да ги развиваат своите вештини,  идеи и идентитети.  Тие се место за продолжување на процесот на учење и наоѓање место во општеството.

Библиотеките претставуваат важен дел од инфраструктурата на јавниот сервис, заедно со други институции како што се училиштата, здравствените домови и културните центри, како и не-јавни актери како што се невладините организации. Тие често имаат експлицитна мисија да им служи на сите членови на заедницата, особено на ранливите и се поврзани со образовни можности. На многу места тие се единствениот вистински јавен затворен простор“.

ИФЛА потенцира дека библиотеките мора јасно да покажат дека ЛГБТ младите се добредојдени.

Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (HBSC) во Македонија покажа дека во поглед на менталното и емоционалното здравје 15-годишните ЛГБТ млади во голем број (74 отсто) страдаат од два и повеќе психосоматски симтоми, секој втор од нив живее со чувство на тага и безнадежност, која кај една третина од нив завршува со сериозни размислувања за самоубиство. За разлика од нивните хетеросексуални врсници, ЛГБТ младите во Македонија поретко се дружат и имаат помала поддршка од родителите и врсниците.

Во таква емотивна состојба се наоѓаат мнозинството ЛГБТ млади лица непосредно пред да имаат можност да се зачленат во НУБ. Библиотеката, конечно, има должност пред овие млади луѓе да застане на патот на хетеронормативната (микро)агресија на која тие се секојдневно изложени и да им покаже на кој начин теоријата, филозофијата, литературата и неколку љубезни и топли (и обучени) вработени имаат моќ против насилството и болката.

Back to top button
Close