Бигорскиот манастир повиква на разум и зачувување на единството на МПЦ-ОА – Синодот е место за дијалог
Откако поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан го номинираше новоизбраниот монах Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, што предизвика негодување кај дел од православните верници, со своја реакција по првпат се јави и Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, чиј игумен, епископот Антаниски Партениј, според дел од верниците, треба да е изборот за нов дебарско-кичевски митрополит.
Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на манастирот, оттаму искажуваат благодарност до верниците што самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон црквата, но замолуваат во овие моменти да не биде изгубено од вид она што е над сè – единството на МПЦ-ОА. Тоа, како што се додава, е почетокот и крајот на сè, темелот врз кој почива заедништвото, мирот и духовната надеж.
Од манастирот посочуваат дека не чувствуваат ниту навреда, ниту понижување од новонастанатата ситуација, туку достоинство кои, како што велат, доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела.
Поттикнати од јавните бранувања, објавите по медиумите и социјалните мрежи и од неодамнешните јавни собири во врска со назначувањето на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, чувствуваме обврска да се обратиме со зборови на љубов и духовно расудување.
Благодарни сме што верниците, постапувајќи според својата загарантирана слобода, самоорганизирано ја покажуваат својата грижа и љубов кон Црквата. Таа грижа сведочи за нивната жива вера и за длабоката поврзаност со Црквата, како и кон нивната ревност кон црковните преданија.
Но, во овој момент, со длабока љубов замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА. Тоа е почетокот и крајот на сè. Тоа е темелот врз кој почива нашето заедништво, нашиот мир и секоја наша духовна надеж!
Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок.
Во Бигорската Обител никогаш не сме се стремеле кон човечки височини и признанија, туку кон височините на духот. Зашто и највисокото место е залудно, ако не се претвори во служење и полза за Народот и Црквата. А и најскромното може да биде возвишено, ако од него извира љубов, тивка жртва и светлина. Затоа, не чувствуваме ниту навреда, ниту понижување, туку достоинство што доаѓа од живот исполнет со молитва, труд и големи дела. Нашата радост е во народот што се преобразува, во младите што се враќаат на верата, во солзите што се претвораат во надеж и во натамошниот раст на нашата МПЦ-ОА. И во тоа, тивко, но сигурно, со уште поголема жар продолжуваме!
Во овие мигови, кога се очекува синодска одлука, најпотребно од сè е да ја засилиме нашата молитва, имајќи ја пред очи големата слика, а тоа е натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу сите нејзини чеда. Нека нашето однесување биде смирено и достоинствено, а нашата вера уште понепоколеблива.
Со благослов,
Братството на Свештениот Бигорски Манастир