БиХ „го бели“ Охрид пред УНЕСКО, Норвешка не попушта

Првичната вест на државната МИА, која ја пренесоа најголем дел од редакциите во земјава, гласеше дека „Охридскиот регион доби две години рок за да ги исполни препораките на УНЕСКО и да избегне поместување на Листата на светски богатства во опасност“. Новата, коригирана вест е само дека има таков предлог на маса

Предлогот Охрид да добие уште две години стигна од БиХ. Гласањето било одложено поради негодување од Норвешка, јави „Радио МОФ“

Се уште постои можност Охридскиот регион да се најде на листата на светско наследство во опасност. Не поради некаков исклучителен развој на настаните откако беше јавено дека земјава добила уште две години да ги спроведе препораките од УНЕСКО, туку затоа што таква одлука воопшто не била донесена.

Забуната настана по првичната вест на државната новинска агенција МИА, во која уште во насловот се сугерираше дека таква одлука е донесена. Подоцна МИА го коригираше насловот и дел од текстот во насока дека само е поднесен таков предлог.

Обид на БиХ да го „обели“ Охрид пред УНЕСКО

 

За статусот на Охридскиот регион требаше да се гласа денеска во кинескиот град Фуџоу во Кина, каде се одржува 44. сесија на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО). На маса беше нацрт-одлука, според која, Охридскиот регион требаше да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.

Но, на таквата предлог-одлука реагирала Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина. Нивната делегација поднела амандман со кој се брише реченицата со која Охрид би станал културно наследство во опаност. И не само тоа, амандманот на БиХ предлага да се избришат многу други зборови па и цели заклучоци. Главното е, сепак, дека со амандманот се предлага Северна Македонија и Албанија да продолжат да постапуваат по препораките на УНЕСКО и да поднесат конечен извештај за сработеното до 1 феврурари 2023 година. Тоа би значело „бонус“ од плус две години.

Ваквиот предлог, според МИА, делегацијата од БиХ го образложила со потребата да се охрабрат Северна Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи. Да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат.

„Охридскиот регион опфаќа голема територија што бара големи напори за негова заштита што е компликуван процес. Сметаме дека изминатите две години е забележан напредок во исполнувањето на препораките, а подобрена е и соработката на двете дражви во сите сфери. Обесхрабрувачки би било во овој миг да се стави регионот на листата светски наследства во опасност, наместо тоа потребна им е поддршка, беше посочено од Националната комисија за соработка со УНЕСКО на БиХ“, го пренесува МИА ставот на БиХ.

Понатаму, МИА објавува дека ваквиот предлог на БиХ бил поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. Против се изјасниле Норвешка, Бахреин и Австралија, кои сметале дека токму ставањето на Охрид на листата на наследство во опасност, а не обратно, ќе ги мотивира засегнатите држави во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани. Во веста, потоа, нема информација што се случило со предлог-одлуката и амандманот на БиХ.

За разлика од МИА, Радио МОФ јави дека Норвешка не само што била против амандманите на Босна и Херцеговина, туку и дека делегацијата од таа земја изразила силно негодување. Затоа, усвојувањето за предлог-одлуката било прекинато.

„Претседавачот со Комитетот, откако увиде дека не постои консензус, одлучи Комисијата за светско наследство, заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија, да направат дополнителна средба на која ќе се обидат да ги надминат несогласувањата по предложените амандмани. Според одлуката, тие дополнително ќе треба да го известат Комитетот за напредокот на нивната дискусија по ова прашање, иако не беше даден нов рок кога би следела одлуката за Охридскиот регион“, јавува Радио МОФ.

 

Русија ја брани С Македонија од домашните НВО-а?

Сличен став како и Норвешка имаат бројни невладини организации од Северна Македонија и од Албанија. Бараат Охрид да стане наследство во опасност, бидејќи сметаат дека само така ќе има силен ангжман од локалните и централните власти во двете земји. Вчера 34 организации испратија допис до УНЕСКО со таков апел.

Стефоска: Северна Македонија останува доследна

 

Пред Комитетот на кој денеска, сепак, не се донесе одлука и не се знае кога ќе се донесе, говореше и министерката за култура, Ирена Стефоска. Иако стапи на функција релативно доцна за со својата работа да придонесе за актуелниот извештај, таа беше гласот на македонската влада.

Според МИА, Стефоска посочила дека Северна Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Пред учесниците на состанокот побарала и продолжување на роковите за да се овозможи натамошно делување и исполнување на обврските.

„Северна Македонија останува доследна во решеноста да го задржи статусот на Охридскиот регион, преку обезбедување негова соодветна заштита и одржлив развој. Изминатите две години ги интензивиравме напорите за исполнување на препораките на Комитетот, рече таа, притоа посочувајќи некои од спроведените активности, како усвојување на Планот за управување со Охридскиот регион, првата фаза од рехабилитација на Колекторскиот систем за заштита на езерото, напуштање на претходните планови за железничката пруга кон Албанија, процесот на отстранување на дивоградбите од крајбрежјето, прогласување на Студенчишкото блато за парк на природата“,

го пренесува МИА обраќањето на Стефоска.

 

Реприза од 2019 г.

 

За потсетување, ова не е прв пат Охридскиот регион да се најде пред одлука да биде впишан на светско наследство во опосност. Истото сценарио, со слични актери, се случи во 2019 година.

Тогаш Комитетот заседаваше во Баку. Исто како во Кина и тогаш беше поднесен амандман, исто така, од Босна и Херцеговина, но и од други три држави – Бразил, Кина и Унгарија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close