БиХ: Што по пресудата за Додик?

Каква и да биде, денешната пресуда за претседателот на Република Српска, Милорад Додик ќе предизвика големи потреси во Босна и Херцеговина. Опозицијата му сврте грб на Додик. Можна ли е конфедерација со Србија?

Власта во Република Српска изминативе десетина години ја спинува јавноста со разни закани за отцепување, кои досега останаа мртви зборови на хартија. Дали овој долг ќе биде наплатен ќе се знае веќе денеска, среда, 26 февруари, за кога е закажано изрекувањето на пресудата за претседателот на РС Милорад Додик пред Судот на Босна и Херцеговина во случајот против него и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ.

Пресудата против Додик и Лукиќ е политичка и се суди на РС, а не на поединец, едногласно повторуваат коалициските партнери од СНСД. Затоа седница одржа и ентитетската влада која во собраниската процедура упати „информација за рушење на Уставот на Босна и Херцеговина, мерки и задачи во насока на заштита на Уставот на Босна и Херцеговина“.

Конфедерација

„Доколку правното насилство врз Република Српска не престане и нема политичка волја и меѓународна поддршка БиХ да се врати на нејзините основи и да се трансформира во држава во која се почитуваат Дејтонскиот устав и законите, Република Српска е должна без одлагање да преземе мерки за да ја заштити својата дејтонска позиција исклучиво преку политички и правни средства“, се наведува во информацијата која веќе денеска ќе биде на дневен ред на специјалното собрание на РС.

А каков би можел да биде одговорот и какво сценарио се очекува, засега е рано да се каже, со оглед на тоа што пресудата која треба да се изрече денескка е првостепена. Она што Судот на БиХ може да го изрече во прилог на пресудата се заштитните мерки кои може да се однесуваат на забрана за напуштање на земјата до изрекување на второстепената пресуда, која потоа е и правосилна.

Едно од сценаријата, доколку се остварат наводите на некои медиуми во БиХ дека Додик ќе биде осуден, со забрана за политичка активност, е најавата за конфедерација со Србија, но и враќање на првобитниот Дејтон, па дури и повлекување од него.

„Наша прва цел е да го одбраниме Уставот на БиХ, да ја повикаме Федерацијата БиХ да преговараме за тоа и да го вратиме тоа на Дејтонскиот устав. Ако тоа не се случи, тогаш ние ќе мораме да донесеме одлуки“, рече Додик, наведувајќи дека во тој случај РС ќе донесе одлука дека Уставот на БиХ ја пропаднал.

Чао, збогум

„Ќе се потрудиме да разговараме до изнемоштеност. Ако видиме дека тоа не е можно, ќе донесеме одлука за наше самостојно патување. Ете, тоа е планот Б“, цврсто рече Додик, најавувајќи дека нема да оди во Сараево на изрекување на пресудата.

А, наместо во Сараево, каде изминатава година и пол се собираа симпатизерите на СНСД и граѓаните кои го поддржуваа Додик во судскиот процес, вчера и денеска тие беа поканети на голем митинг за поддршка во Бања Лука. Митингот започна вчера (25 февруари) во попладневните часови, кога започна и најавената седница на Народното собрание на РС, која треба да продолжи денеска напладне, кратко пред изрекувањето на пресудата.

Иако Додик со денови ја повикуваше опозицијата на состанок, за да се соберат под наметката на национално единство, одговорот дојде во форма на барање за оставка.

„Треба да бидете свесни дека Вие во континуитет бевте најголемиот фактор за српскиот раздор и поделеност токму поради видот на политиките кои ги спроведувавте и работите кои ги кажавте. Ние од Српската демократска партија ќе одговориме на средбата со Вас откако ќе поднесете оставка како претседател на Република Српска, бидејќи поради сето горенаведено и затоа што не можете да ги соберете сите Срби во овој важен момент, навистина треба да го направите ова за Република Српска“, рече претседателот на СДС, Милан Милиќевиќ, откако Додик упати повик на средба до сите партии од опозицијата, пред донесувањето на пресудата.

Претседателот на СДС, Милан Милиќевиќ
Претседателот на СДС, Милан Милиќевиќ со порака до Додик: Треба да бидете свесни дека Вие во континуитет бевте најголемиот фактор за српскиот раздорФотографија: Dragan Maksimović/DW

Освен што побараа негова оставка, некои опозиционери ги повикаа и граѓаните на РС да не присуствуваат на митингот во Бања Лука.

„Тие ме повикаа да дадам оставка, а јас велам нема. Чао, збогум“, рече Додик коментирајќи ги барањата на опозицијата.

Задоцнета реакција

Година и половина од судскиот процес против Додик немаше сериозни реакции. Последните неколку дена предизвикаа реакции кај домашната јавност, но не толку и кај меѓународната. Само неколку општи изјави за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. И во друг контекст.

„Суверенитетот и територијалниот интегритет се темелите на меѓународниот поредок. И ќе го браниме меѓународниот поредок во Украина со сите средства кои ни се на располагање, исто како и во Босна и Херцеговина, каде што остануваме посветени на иднината на земјата во Европската унија како единствена, целовита и суверена држава, како и на зачувување на сигурна и безбедна средина преку присуство на ЕУФОР“, напиша шефот на Делегацијата на ЕУ, Луиџи Сорека, по повод три години од почетокот на војната во Украина.

Сорека се сретна со Денис Беќировиќ, бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, кој ја повика ЕУ да преземе конкретни чекори за зачувување на мирот во БиХ, вклучувајќи и зголемување на бројот на војници на ЕУФОР. Тој рече дека е важно „меѓународната заедница да реагира навремено на заканите од раководството на РС, кои можат да доведат до сериозни последици за безбедноста и стабилноста во БиХ“.

Поради тензичната политичка ситуација, ЕУФОР претходно објави дека нивните сили се во готовност и дека дејствуваат во рамки на нивниот мандат, целосно почитувајќи ја правната рамка на Босна и Херцеговина и нејзините институции.

„Продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата низ целата земја и ја потврдуваме нашата посветеност за поддршка на властите на Босна и Херцеговина во обезбедување безбедна и стабилна средина за сите нејзини граѓани“, соопшти ЕУФОР.

ЕУФОР ја потврди посветеноста за поддршка на властите на Босна и Херцеговина
ЕУФОР ја потврди посветеноста за поддршка на властите на Босна и ХерцеговинаФотографија: Michael Hanschke/ZB/dpa/picture alliance

Вооружени сили на Босна и Херцеговина

Случајно или не, во Сребреница два дена е зголемено присуството на возила на ЕУФОР од турскиот контингент. Од Меморијалниот центар Сребреница испратија писмо до министерот за внатрешни работи на Република Српска, Синиша Каран, во кое „изразуваат сериозна загриженост за јавните изјави на Каран“, кои, како што се истакнува во писмото, директно ја доведуваат во прашање работата на правосудните институции на Босна и Херцеговина и повикуваат на реакција против нив.

„Секој чин на нарушување на работата на Меморијалниот центар, директно или индиректно, вклучително и какви било безбедносни инциденти, ќе се третира како намерна закана за мирот и стабилноста, за што вие како министер ќе сносите целосна законска одговорност, имајќи предвид дека со вашите изјави во службено својство поттикнавте такви дејствија“, се наведува меѓу другото во писмото од Меморијалниот центар Сребреница.

Хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, го покрена прашањето за ангажирање на Вооружените сили доколку дојде до напад на уставниот поредок на земјата или ако РС тргне во отцепување.

„БиХ има подготвен одговор. Институциите на БиХ продолжуваат да работат без разлика кој е во нив. Може и мора без некој кој не е таму. Никој не може да ја доведе во прашање работата на институциите на БиХ. Доколку Додик тргне кон отцепување, ние сме подготвени да издадеме наредба до Вооружените сили на БиХ“, рече Комшиќ, на што доби одговор од претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ.

Без претерување

„Претседателството одлучува за одбрана со консензус, ако нема консензус, нема ни одлука. „Ако сме легалисти, тогаш е така, ако не сме, тогаш тоа е државен удар“, порача Цвијановиќ во одговорот до Комшиќ, потсетувајќи дека таквата одлука нема да биде релевантна за српскиот дел од Вооружените сили и дека таа не е сигурна ни дека целиот хрватски корпус би се ставил на располагање.

„А незаконската злоупотреба на Вооружените сили е ионака доволен сигнал дека не е обврзувачка. Значи, на оние кои си играат со прашањето за Вооружените сили и даваат бомбастични изјави, можам само да им кажам да не претеруваат“, рече Цвијановиќ.
Иако никој не сака да прогнозира каква ќе биде реакцијата на властите во Република Српска во случај на осудувачка пресуда, некои од можните сценарија упатуваат на тоа дека Народното собрание ќе донесе одлуки со кои одлуките на Судот на БиХ би ги прогласиле за ништовни и неважечки на територијата на овој ентитет. Исто така, една од можните опции која претходно беше најавувана е забраната за работа на државните полициски агенции на територијата на РС.
Што се однесува до политичките одлуки, во претходниот документ за кој се разговараше во владејачката коалиција се наведува и повлекување на српските претставници од државните институции и нивна блокада на сите места каде што се наоѓа српски персонал. Проблем за целосно спроведување на ваквите најави е одлуката на опозицијата да не учествува во нивна реализација, особено имајќи ја предвид кризата на власта на државно ниво во која опозициските лидери од РС гледаат можност да го преземат политичкото кормило од СНСД и нивните коалициски партнери.(dw)

Претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ
Претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка ЦвијановиќФотографија: Predsjednitvo BiH

Back to top button
Close