Билјана Ивановска до Ислам Абази: Дали и укажувањата на меѓународната заедница за висок степен на неказнивост се „празни

Експретседателката на Антикорупциска реагира на епитетот „празни“ кој беше даден од страна на ОЈО ГОКК за дел од нивните иницијативи. Вели дека ова обвинителство, под раководство на Ислам Абази, ниту еднаш не побарало средба со Државната комисија за спречување на корупција, ниту дополнителна документација и образложение за иницијативите упатени до нив. Додава дека заложбите да остварат комуникација со ова обвинителство по октомври 2022 биле попусти, за разлика од претходниот период кога имале коректна соработка со тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, како и заедничка работа со повеќе обвинители по одредени предмети

Односите меѓу претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) под раководство на Билјана Ивановска и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), под палката на Ислам Абази, не ги следеше аура на отворена соработка. Често меѓу двете институции задолжени за борба против корупцијата провејуваа остри тонови во врска со иницијативите што тој состав на Антикорупциска ги испраќаше до ОЈО ГОКК и неговата респонзивност во однос на нив. Таква – остра е и реакцијата на експретседателката на Антикорупциска, Ивановска, на наводите кои пред околу една недела можеа да се слушнат на брифингот на ОЈО ГОКК дека имаат соработка со ДКСК и дека отвориле предмети по нивни инцијативи, но дел од иницијативите кои доаѓаат од Антикорупционерите биле „празни“.

Имено, минатиот петок (1 март 2024 г.) шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, по речиси година и половина од доаѓањето на функцијата ги отвори за новинарите вратите на новите простории во кои се пресели ова јавно обвинителство.

Со десетина обвинители, кои беа во можност да присустуваат, но и во присуство на новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, Абази одржа брифинг, информирајќи за конкретни предмети на кои работат. Беа споделени информации во која фаза се случаите, колку од нив се затворени, за колку се поднесени обвенија и што може јавноста да очекува за дел од нив кои се во нејзиниот фокус, а за кои сè уште нема правна разрешница.

Екипа на „360 степени“ го проследи брифингот и објави неколку текстови за предмети за кои беа изнесени податоци и за кои изминатиов период опширно известувавме, како и за текот на самиот брифинг и други теми кои беа споменати.

Една од нив, а која беш во фокусот на еден од написите на „360 степени“ беше и одност меѓу Обвинителството и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од чиј претходен состав ОЈО ГОКК често беше јавно посочувано дека не отвора предмети по нивните инцијативи.

На новинарско прашање зошто ОЈО ГОКК ги прекинало врските со Антикопруциска, Абази беше дециден.

„Не е точно дека сме ја прекинале соработката. За дел од нивните иницијативи веќе се отворени предмети“,рече шефот на ОЈО ГОКК.

Имаме соработка со Антикорупациска, но дел од иницијативите што ни ги доставуваат се „празни“ – велат од ОЈО ГОКК

Во реакцијата на Ивановска, што ја побаравме, може да се види сосема поинаква слика. Експретседателката на Антикорупциска, која реагира на епитетот „празни“ кој беше даден за дел од нивните иницијативите, вели дека ова Обвинителство под раководство на Ислам Абази ниту еднаш не побарало средба со Државната комисија за спрекување на корупција, ниту дополнителна документација и образложение за иницијативите упатени до нив.

„Истовремено, нашите заложби да оствариме комуникација со ова обинителство по октомври 2022 г. беа попусти, за разлика од претходниот период кога имавме коректна соработка со тогашната шефица Вилма Русковска, како и заедничка работа со повеќе обвинителите по одредени предмети“,вели Ивановска.

Ивановска опширно се осврнува на иницијативата испратена до ОЈО ГОКК за носењето на деталниот обранистички план за дел од Општина Центар по кој на парцелата спроти хотелот „Холидеј Ин“ почнаа да никнуваат високотаници. Овој случај, кој беше во фокусот на јавноста пред три години, беше посочен на брифингот како пример на Обвинителството дека дел од иницијативите што ги добиле од Антикорупциска биле со оскудни податоци и наводи и оделе во повеќе насоки. Поради ова, обвинителите и покрај обемната предистражна постапка не нашле докази кои би ги потврдиле наводите на ДКСК.

За иницијативата на градежната парцела спроти „Холидеј ин“ беше кажано дека иако била „празна“, тие сепак отвориле предмет, но не нашле докази за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување на одговорни лица – градоначалници на Општина Центар и функционери во Министерството за транспор и врски и не била утврдена штета по буџетот, како што сугерирала иницијативата на ДКСК. Поради ова не можело да биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување од страна на ОЈО ГОКК.

„Не разбирам како може нашата иницијатива за кривично гонење на службени лица вклучени во процесот на донесување на ДУП-от Ц08 да добие епитет „празна„ кога со носење на споменатиот ДУП Ц08 сторени се повреди и од страна на планерите, кои како професионалци од областа се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од страна на вработените во Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски, кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи, оносно не е усогласен со ГУП“вели Ивановска во реакцијата на брифингот на Абази.

 

Според неа, во конкретниот случај постојат многу елементи кои треба да бидат земени предвид, најнапред, како што вели, одговорноста на планерите за законито и совесно планирање, која според неа не смее да биде занемарена и несанкционирана.

„Понатаму, одговорноста на службените лица од општинските власти, кои во насока на удоволување на барањата и очекувањата кои од нив ги имале одредени структури, свесно ги занемаруваат законските одредби, придонесувајќи со своите дејствија кон реализација и донесување на незаконски урбанистички планови кои пак носат значителна корист за ограничена група на луѓе. И конечно, елемент кој не смее да се занемари е временската динамика на настаните, како и настаните кои следат по носењето на ДУП-от, а кои ја даваат целосната и конечна слика за намерите и целта на неговото носење“,вели експретседателката на Антикорупциска.

Иницијативата, посочува таа, ја поднеле поради постоење на основи на сомнение дека споменатите лица сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„…Бидејќи постапиле спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и придонеле да се донесе неусогласен ДУП со ГУП, т.е. ДУП со поголема густина на населеност од 500 жители по хектар, спротивно на густината која ја предвидел ГУП-от од 2002 г. што тогаш бил во важност“вели таа.

Според експретседателката на ДКСК, со овој ДУП им било овозможено на други да се стекнат со значителна имотна корист, преку право на приватизација на државно плаќајќи за него приоритетна цена, која е пониска и реалната пазарна цена на земјиштето и право да реализираат градежен објект од големи размери.

„Имајќи ги предвид бројните истражувачки стории кои се објавени на оваа тема, како и тоа кои се сопствениците на инволвираните парцели и какви сè индиции за нивна поврзаност со високи функционери се споменуваат, сметаме дека станува збор за случај на корупција и затоа оваа пријава ја поднесовме до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“,наведува Ивановска.

Таа наведува и уште еден предмет кој не наишол на соодветен одговор од Основното јавно обвинителство за гонење на организран криминал и корупција. Станува збор за сомнежите за злоупотреби од страна на службени лица во Управата за водење матични книги во спроведување на јавни набавки за скенирање на податоци од матичните книги, за обрасци за изводи, но и за ризиците од истекување и злоупотреба на личните податоци на граѓаните.

Покрај ДКСК, која во текот на минатат година поднесе Иницијативата за одговорност на службени лица во Управата (директор и вработени), за овој предмет постапувал и Државниот завод за ревизија, Финансиска полиција која исто така имала поднесенено кривични пријави до ОЈО ГОКК, како и Управата за заштита на личните податоци по барање на ДКСК.

„Сите овие извештаи, пријави и наоди не беа доволни за ОЈО ГОКК што го отфрли случајот по сите основи за сомневања на сите наведени институции. Дали наодите на сите четири институции (ДКСК, Финансиска полиција, ДЗР и Управата за заштита на личните податоци) биле ’празни’“,прашува Ивановска.

ДКСК во никој случај не поднесуваше „празни“ иницијативи

Според неа, Антикорупциска во најголем број случаи, своите иницијативи ги темели, покрај на документите што ги прибавува по службена должност, и на извештаи и наводи собрани од други институции во врска со конкретен предмет.

„Во никој случај ДКСК не поднесуваше ‘празни’ иницијативи, без добро образложени наоди и документи и во одредени случаи врз основа на претходно извршени консултации со одредени јавни обвинители. За таа цел беше потпишан и Меморандумот за соработка со Јавното Обвинителство на РСМ. Се разбира дека ОЈОГОКК не мора секогаш да постапува по иницијативите на ДКСК, тоа практиката очигледно го покажува, но причината не треба да ја насочува кон ДКСК. Впрочем, шефот на ОЈО ГОКК нека ја погледне и анализата – Проценка на ризиците од корупција во правосудството во РСМ од 2023 година, изготвена од страна на стручни лица за потребите на ОБСЕ Мисијата и ДКСК. Оваа анализа беше една од активностите предвидени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 година и ги содржи слабостите и ризиците поради кои целиот правосуден сектор не фунционира соодветно“вели Ивановска.

Вештачењата се најголем ризик за корупција во судството, сметаат судиите и обвинителите – речиси половина судии имале притисок од колегите

Во 20-годишното постоење на ДКСК, посочува таа, до јавните обвинителства биле поднесени над 200 иницијативи за кривично гонење на службени лица, од кои само две-три биле прифатени.

„Зарем треба да се поверува дека сите останати иницијативи биле ‘празни’? Дали и укажувањата од страна на меѓународната заедница и организации дека во земјава постои висок степен на неказновост исто така се ‘празни’“реагира експретседателката на Антикорупциска.

Back to top button
Close