Бино предупреди на можноста за воведување нови ограничувачки мерки, до сега вакцинирани над 11 илјади лица

Позната албанска докторка, епидемиологот Силва Бино, член на Комитетот на експерти за справување со пандемијата, предупреди на можноста за воведување нови ограничувачки мерки во земјата по, како што ја оценува тешката недела, во која има 70 починати и 4.067 новозаразени со Ковид-19.

Само ден откако Техничкиот комитет одлучи да не ги менува рестриктивните мерки, Бино од Кукс, каде почна вакцинацијата, рече дека викендот ќе биде клучен и дека одлуката за новите мерки се очекува в понеделник.

-Ситуацијата се следи, загрижувачка е и секако дека ќе бидат преземени соодветни мерки и в понеделник ќе ја анализираме состојбата и ќе бидат преземени соодветни мерки. Има благо намалување на нови случаи последните три дена, но затоа бројот на починати е висок. Од 11 овој месец го зголемивме ограничувањето во движењето за два часа и сметаме дека даде резултат, изјави Бино, која долги години беше и директорка на Институтот за јавно здравје.

Додаде дека освен ограничувачки мерки ќе продолжат и со отворање на ковид центрите во регионалните болници.

Во последното деноноќие од направените 3.689 тестови позитивен резултат е добиен кај 916 што е 25 отсто од тестираните. Во исто време како последица од вирусот починале 20 додека оздравеле 849. Во четирите ковид болници во Тирана и регионалните ковид центри во Скадар, Драч и Елбасан хоспитализирани се 625 пациенти.

Во меѓувреме продолжува вакцинацијата на здравствените работници и постари лица, со која до сега се опфатени над 11.000, главно здравствени работници, потоа персоналот и лица сместени во старски домови, како и постари лица од 80-годишна возраст.

Back to top button
Close