БИРН: Храната и основните продукти стануваат луксуз
Речиси и не може да се најде производ што не е поскап во однос на 2021 година
Во последните неколку години, практично е невозможно да се избегнат разговори за тоа колку се зголемени цените, особено на основните прехранбени производи и продукти. Така беше и во предновогодишниот период.
Свесни за тој проблем, и претходната, и оваа власт најавуваа решенија. Без разлика која партија беше на власт, мерките, без исклучок, секогаш беа критикувани од опозицијата и до некој степен заобиколени од трговците.
Цените некогаш спласнуваа, но генерално продолжија да се движат во една насока: нагоре. Така што, иако оваа тема постојано е присутна во јавноста и во медиумите, на ниво на меѓупартиски препукувања, тешко беше да се добие реална слика што и колку е поскапено.
Затоа, БИРН анализираше два ланци на маркети – еден што важи за поевтин и еден што важи за поскап – со цел да утврди колку, всушност, се качиле цените на продуктите меѓу 2021 и 2024 година.
„Наполнивме“ една кошничка од 10 производи од поевтиниот маркет за да ги увидиме разликите. Во неа ставивме еден килограм свежо пилешко филе, свеж сок од портокал, шише вино од бренд што се смета за поевтин, пакување тоалетна хартија од 16 ролни, 500 грама маслинки, бел леб, 200 грама турско кафе, компири, кисело млеко и половина килограм кравјо сирење.
Сево ова пред три години би нè чинело 1.224 денари, доколку ниеден производ не бил на акција. Денес, истата кошничка чини 1.630, или е поскапа за 406 денари.
Ако сакаме да потрошиме слична сума на пари како во 2021 година, би требало да ги вратиме на рафтовите виното, маслинките, кафето и киселото млеко.
Освен лебот, чија цена е намалена за 15 отсто, сѐ друго во оваа кошничка е поскапено. А најголемиот скок во цената се забележува кај тоалетната хартија за 38 отсто и кај сирењето за 52 отсто.
Ја одбравме 2021 година за споредба со ланската бидејќи претставува некој вид нулта точка во однос на глобалните настани, кои имаа ефект и врз домашната економија. Односно, 2021 е една година по почетокот на ковид-пандемијата и една година пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, во изјава за БИРН вели дека зголемувањето на цените на крајот на 2022/2023 се должеше на глобалниот прекин на ланците на снабдување.
„Во такви услови, тоа економски е вообичаено бидејќи немаше зголемување само во Македонија, туку во цела Европа“, изјави тој.
Некои од цените за периодoт од пред три години сѐ уште се достапни онлајн на летоците објавени на социјалните мрежи на маркетите.
…