Бишев оди во пензија – само ќе го советува премиерот

Шпаркасе банка соопшти дека Глигор Бишев оди во пензија и заминува од позицијата претседател на Управниот одбор заклучно со 30-ти месецов.

Како што посочуваат од Банката, Бишев ја водеше Шпаркасе банка АД Скопје од почетокот на 2013 година и за време на неговиот мандат Банката го зголеми и го стабилизираше своето пазарно учество и профитабилност, стана лидер во проектно финансирање, воведе иновативни и модерни производи за население и го поддржуваше севкупниот економски раст во земјава.

Од 1 мај 2022 година, позицијата претседател на Управниот одбор ќе ја преземе Санел Кустурица, сегашниот заменик-претседател на Управниот одбор, кој се придружи на Банката на почетокот на 2021 година, откако претходно беше на чело на Шпаркасе Банка во Босна и Херцеговина повеќе од 10 години.

Нина Неданоска, сегашен член на Управниот одбор, ќе стане заменик-претседател на Управниот одбор. Алвин Аличевич, член на Управниот одбор на Банката од 2017 година, ќе продолжи да ја извршува својата функција на член на УО, одговорен за управувањe со ризиците.

Инаку, „Фокус“ вчера објави дека Бишев е на списокот на надворешни советници на премиерот Димитар Ковачевски за рационализација и оптимизација на процеси. Неофицијални тој ќе го советува премиерот без паричен надомест.

Back to top button
Close