Битиќи-Арсовска да се одважи и да разговара со приватниците, ако не Владата ќе преземе мерки

Јавниот превоз во Град Скопје е во ингеренции на градот Скопје. Ние правиме сè за општините во градот и во државата да имаат доволно финансиски средства и ја унапредуваме нивната состојба за да може да испорачаат соодветна услуга кон граѓаните. Сметам дека Град Скопје треба да се одважи и конечно да седне за да го решат проблемот. Ако не е возможно ние докажавме дека секогаш сме тука за граѓаните, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи

.Го решивме проблемот со топлинската енергија, го решаваме проблемот со електричната енергија и можеби сега ќе влеземе веќе и во преговори, но тоа ќе значи нешто друго. Дали е тоа одземање на ингеренциите на градот Скопје, влегување во суштински, системски промени не знам, затоа што вакво однесување на надлежните сметам дека е на штета не само на граѓаните на Град Скопје, туку на целокупното функционирање на системот“,рече Битиќи одговарајќи на новинарско прашање пред годишната конференција за децентрализација и локално управување.

Според него не е едноставен процес одземањето на ингеренции.

Ние се бориме последните 20 години на децентрализација. Одземањето на ингеренции е враќање назад за 20 години. Повикуваме на разум, повикуваме дека никој нема штета од разговори. Секако градот Скопје си има свои аргументи зошто смета дека се изманипулирани и дека се уценувани, превозниците имаат свои аргументи. Добро е што една личност од здруженијата се повлече од протестите, сметам дека тоа е чекор кон изнаоѓање на решение. Сметам дека нема проблем за кој не може да се најде решение само треба две разумни страни“,додава Битиќи.

Во однос на децентрализацијата и клучните точки кои ќе бидат преземени, Битиќи рече дека нашата држава одамна е водечка во процесот на децентрализацијата.

„Оваа година се направи исчекорот кон подобрување на фискалната децентрализација, а тоа е зголемување за финансирањето за општините, конечно после долго време се изгласа законот во Собрание со кој се овозможува да се зголеми процентот на данок на личен доход и данокот на додадена вредност кој оди за финансирање на општините. Останува уште еден сегмент кој сметам дека општините самите треба да го направат, а тоа е зголемување на сопствените приходи, тоа е вообичаено поврзано со данокот на имот. Сметам дека со унапредување на законската легислатива се подобрува значително состојбата на локално ниво. Тоа што би требало е да се зајакнат капацитетите за да се испорача тоа што најмногу им треба на граѓаните. За жал се уште на ниво на единици на локална самоуправа човечките капацитети не се на највисоко можно ниво и тоа значи дека нема спремност за добри, квалитетни проекти и навремена испорака на услуги кон граѓаните. Има уште доста да се направи, но мислам дека сме на добар пат“,нагласува Битиќи.

На прашањето дали партизацијата на кадрите во општините се проблем, тој рече дека за жал тоа што 30 години немало доблест да се направи најдоброто за граѓаните, денеска може да се видат последиците.

„Сметам дека не е само партизацијата, воопшто сакањето да се унапредат одредени процеси се клучниот проблем. Но, мислам дека е добро што зборуваме за причините, ајде да ги решиме истите и да продолжиме понатаму“,рече Битиќи.

Наредниот период, како што рече Битиќи на конференцијата, е исклучително значаен за спроведување на пообемни подготовки за интегрирање на нашите општини во административниот простор на Европската Унија.

„Имаме целосно разбирање за ставот општините да прифатат нови надлежности, но под услов да се оствари висок степен на автономија во нивното спроведување“,смета Битиќи.

Како што потенцираше, за само една година имаат реализација на 80 отсто од започнатите проекти, а останатите ќе бидат реализирани во предвидениот временски период до крајот на 2023 година.

Back to top button
Close