Битиќи: Ќе продолжат субвенциите за струјата, целта е да се заштитат најранливите категории на граѓани
„Кога се постави новиот модел за тарифирање на електричната енергија целта ни беше да ги заштитиме најранливите и поголемата категорија на граѓани да нема голем удар од зголемувањето на цената. Субвенцијата е поголема таму. Струјата е се уште субвенционирана и ќе продолжи да биде така“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во утринската програма на МТВ.
Тој додаде дека се додека не креираме доволно домашни капацитети за евтина електрична енергија ќе продолжи цената на струјата да биде субвенционирана.
„Со мерките кои ги почавме лани и навиките за заштеда ефектот е добар. Оптимист сум дека ќе биде субвенционирана цената и следната година и таа нема да удри по крајниот потрошувач, освен тие кои трошат најмногу, во третиот и четвртиот тарифен модел, односно побогатите, за кои сметам дека треба да си ја платат пазарната цена“ рече Битиќи.
Вицепремиерот исто така најави дека месецов ќе биде промовиран и новиот пакет на антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон потребите на најранливите категории на граѓани.