Битиќи: Наредната година минималната плата ќе порасне најверојатно на 23 илјади денари

Годинава предвидуваме дека годишната инфлација ќе биде 7,1%, а сега минималната плата се зголеми за 12 процентни поени, што значи номинално ќе има повеќе средства за трошење, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во Сител телевизија. Тој додаде дека не се согласува со пресметките дека растот на минималната плата ќе биде изгубен поради инфлацијата.

-Од аголот на вицепремиер, но и како граѓанин кој пред да влезе во политиката бев од другата страна, кога се борев со структура која ги плаќаше граѓаните како да се евтина работна сила можам да кажам дека работник што се продава за 10 илјади денари сметам дека е навистина жално за една држава, кажа Битиќи.

Тој истакна дека до изборите во јули 2024 година веројатно со новата утврдена методологија ќе има минимална плата од 23 илјади денари.

-Нашата структура на БДП се заснова на две третини од приватната потрошувачка, а тоа се луѓето со повеќе средства кои ќе можат да трошат. Тоа не сметам дека ќе ја подгрее инфлацијата, напротив ова ќе го зголеми зголемувањето на платите во јавниот и приватниот сектор, а тоа секако и ќе доведе до зголемување на продуктивноста, рече Битиќи.

Една долгогодишна неправда полека ја исправаме и за првпат во поновата историја на Економско-социјалниот совет веќе не се преговара, туку само се утврди минималната плата, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во Сител телевизија.

-Тоа е зашто минатата година се договоривме за критериумите со кои воспоставивме систем и еве го исходот денеска, зборувавме по десетина минути и кажавме дека сме задоволни од утврдената методологија. Ова е исчекор во ерата во која работникот ќе си го добие тоа што го заслужува, достоинствена плата за она што го извршува, кажа Битиќи.

Тој додаде дека од Организацијата на работодавачи истакнале дека се задоволни со решението и со зголемување на продуктивноста тие се решени да ги зголемуваат платите. Ова решение ќе опфатени и 27 илјади административни службеници.

-Законот за административни службеници се усогласи со Законот за минимална плата. Со тој закон се опфатени 27 илјади административни службеници, но и даватели на услуги во социјалната заштита и оние опфатени со ресорот култура. Линеарното зголемување ќе го добијат оние што се усогласени, а денеска веќе зборувавме со синдикатите и започнавме да го дефинираме општиот Колективен договор кој ќе го надмине прашањето за платите во јавниот сектор. Спреми сме следната недела да дискутираме за општиот колективен договор и да се реши работата со платите во јавниот сектор, рече Битиќи.

Back to top button
Close