Битиќи од Царовска ја презеде функцијата претседател на Влада задолжен за економски прашања и координација на економските ресори

 Фатмир Битиќи денеска ја презеде функцијата претседател на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори од досегашната вицепремиерка Мила Царовска. Тој најави продолжување на заложбите на Владата во нова развојна економија која пред се ќе носи стабилност и предвидливост, иновативност и шанса за секој граѓанин.

Како што соопштија од Кабинетот на ЗПВРСМ за економски прашања, на примопредавањето Царовска и Битиќи разговарале за досега сработеното и за идните предизвици поврзани со економскиот раст и развој на државата.

Во срдечна атмосфера обајцата си посакале многу успех во претстојниот мандат, ефикасно справување со предизвиците и квалитетна соработка, имајќи ја повисоката цел в предвид, а тоа е држава со која сите ќе се гордееме.  

Царовска, која од денеска ја презима функцијата министерка за образование и наука, му посакала успех на Битиќи на новата должност. Таа посочила дека очекува добра соработка во рамки на новата Влада и оти ќе се продолжи со создавање и имплементација на успешни политики и преку реформски процеси да се движи земјата напред.

На позицијата вицепремиер за економски прашања Битиќи доаѓа откако во минатиот мандат ја извршуваше должноста посебен советник на премиерот Зоран Заев. 

Back to top button
Close