Битиќи: Ребалансот е фактура за владиниот дебакл, дефицитот руши рекорди, а власта крати од граѓаните и инвестициите

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, остро го критикуваше предложениот ребаланс на Буџетот, оценувајќи дека тој е доказ за неуспешното буџетско планирање на Владата, а не развојна мерка како што, според него, се претставува.
„Додека власта се обидува да го прикаже ребалансот како развоен, суровите бројки покажуваат тотален колапс и неодговорно планирање. Ова не е инструмент на одговорно управување со јавните финансии, туку фактура за промашениот буџет донесен во декември. Буџетот не издржа ниту половина година, а цената сега ја плаќаат граѓаните“, рече Битиќи на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Тој посочи дека со ребалансот буџетскиот дефицит се зголемува од 39,2 на 46,2 милијарди денари, односно за околу седум милијарди денари, додека неговото учество во БДП расте од 3,5 на 4,1 проценти.
„Овој ребаланс е финансиска обдукција на промашеното владино планирање. Бројките зборуваат погласно од владиниот ПР. Примарниот дефицит расте за 40 проценти, што покажува дека проблемот не се наследените долгови, туку актуелните политики на Владата“, истакна Битиќи.
Според него, и покрај најавите за развој, Владата ги намалува средствата токму во областите што треба да го поттикнат економскиот раст.
Тој наведе дека програмата за економски развој се намалува од осум на 7,3 милијарди денари, поддршката за унапредување на деловните активности се крати за повеќе од 76 проценти, а се намалуваат и средствата за финансиска поддршка на инвестициите и за малите и средните претпријатија.
„Нема продуктивна економија без инвестиции. Нема повисоки плати без поголема додадена вредност, ниту извоз без технолошка модернизација“, рече Битиќи.
Тој обвини дека со ребалансот се кратат и средствата за политики што треба да го намалат сиромаштијата и да го поттикнат вработувањето.
„Владата крати кај најранливите, а го зголемува трошењето. Кога имате милијарди за проширување на дефицитот, а немате средства за инклузија и активни мерки за вработување, тогаш проблемот не е во парите, туку во приоритетите“, рече пратеникот на СДСМ.
Битиќи предупреди и дека јавниот долг се движи кон 61,5 проценти од БДП, додека нето-странското задолжување расте за повеќе од 16 милијарди денари.
Осврнувајќи се на пензискиот систем, тој истакна дека одржливи пензии не можат да се обезбедат без силна економија, повисока продуктивност и повеќе формални работни места.
„Пензионерите не се товар. Тие се луѓе кои работеле и плаќале придонеси. Но достоинствени пензии не се обезбедуваат со политички пароли, туку со стабилна економија. Овој ребаланс покажува дека Владата нема план за развој, туку план за нови долгови“, порача Битиќи.






