Битиќи со розови очила за читање на ребалансот: Вие носите Прада, овие се социјалдемократски
Фатмир Битиќи остро го критикуваше ребалансот на Буџетот кој е на комисиска расправа.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Тој стави и розови очила за подобро читање.
„Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели“, рече Битиќи.
„Ќе мора така да ги читаме работите. Рок-стар сум. Розеви се. Ќе ги оставам за заменик-министерот. Овие се социјалдемократски. Прада купувате вие, ние не“, кажа Битиќи, посочувајќи дека ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4%, над законскиот лимит.
Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент, посочи пратеникот.
„Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре”, рече Битиќи.