Битиќи- Тие бараат институциите да ги надраснат предрасудите . Бев со нив за да ги поддржам за држава на еднакви можности
Пратеникот од редовите на СДСМ Фатмир Битиќи се придружи на протестите пред министерството за правда на кои студентите албанци побараа правосудниот испит да го полагаат на својот мајчин јазик.
Тој на репортерите кои известуваа од протестот им изјави дека е тука за студентите и за иднината на неговите деца и кажа дека дава целосна подршка на барањата на протестот.
Попладнево Битиќи се огласи и на фејсбук во врска со неговото присуство на протестот
Ги поддржувам студентите затоа што нивното барање се однесува на самата совест на државата. Во нивниот глас нема ништо заканувачко, ништо радикално, ништо што заслужува да биде пречекано со политичка нервоза. Напротив, тие бараат институциите да ги надраснат предрасудите, а државата да се издигне над тесноградите и ксенофобични калкулации што ја држат заробена во стравовите,напиша Битиќи.
Во начинот на кој една земја им одговара на младите може да се види разликата меѓу политиката што еманципира и власта што го стеснува просторот на слободата. Еманципаторската политика отвора патишта кон знаење, професионален развој и рамноправност, таа не се плаши од различноста, за неа таа е извор на демократска зрелост. Наспроти неа, власта што ограничува произведува етнички сомнежи, подгрева стравови и ги турка луѓето во рововите на поделбите, затоа што полесно владее со општество што е исплашено отколку со општество што е слободно.
Актуелната власт, за жал, сè помалку покажува еманципаторска зрелост, а сè повеќе подлегнува на искушението да кокетира со национализмот, чиј сојузник е менталитетот на одбрана од другиот/та (различниот/различната).
Верувам дека нашата татковина Македонија може да биде похрабра и подобра од ова. Таа има вредносен и човечки потенцијал за инклузивно општество во кое секој јазик е дел од човечкото достоинство, а секој млад човек може да почувствува дека државата му отвора врати кон иднината.
Ова е поддршка за идејата Македонија да биде држава на еднакви можности! напиша пратеникот Фатмир Битиќи.
На протестот на студентите им се придружија пратеници од албанските политички партии. Едногласни беа дека тука се за да дадат подршка а не за политика или обид за добивање политички поени.






