Битка со коридори – кој ќе биде побрз?
Софија планира заедно со Букурешт и Атина пред Европската комисија да презентираат заеднички план за коридор на оската Север-Југ и да бараат финансии за негова изградба.
Во пракса тоа би значело конкурентна алтернатива на разгранувањето на Коридорот 10 од Атина преку Скопје и Белград до Будимпешта и Виена, тема што минатата есен беше актуелна во сите престолнини на таа рута. За неа се зборуваше и на десеттиот самит на Берлинскиот процес во октомври 2024 година, како што тогаш обелодени премиерот Христијан Мицкоски.
„Многу јасно ги презентирав и приоритетите на Владата, во делот и на економијата, во делот на нашата амбиција да бидеме раскрсница на Балканот, во смисла раскрсница на енергетските текови, на патната и на железничката инфраструктура. Бидејќи и природно, и географски, ние сме таа раскрсница на два важни европски коридори, тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10. И мислам дека тоа како Влада ќе го оствариме“, изјави премиерот по разговорите во Берлин.
Премиерот на тогашната службена влада на Бугарија, Димитар Главчев, кој исто така учествуваше на самитот во Берлин, посочи дека оската Север-Југ, од Грција кон Романија (преку Бугарија) е многу важна и има дури и глобална димензија. А дебатата на таа тема се засили, откако два дена пред тој самит, големи критики во бугарската јавноста предизвика изјавата на тогашниот српски министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ. Тој се пофали дека Србија успеала да се избори со обидите на Брисел да промовира други решенија за железничко поврзување, односно се изборила за изградба на Коридорот 10.
„Железниците се геополитика. За нас е важно што сите излези на Западниот Балкан ќе одат преку Србија. И ние успеавме да се избориме, а тоа е многу значајно, да се обнови Коридорот 10. Во еден момент ЕУ почна да го форсира коридорот преку Романија, кој за нас е конкурентен коридор, па и оној Коридор 8 кој води од Албанија до Бугарија, попречно преку Македонија. За нас е многу важно што ние успеавме да се избориме да бидеме централна земја низ која поминуваат брзите пруги и целиот Западен Балкан поинаку не може да излезе кон ЕУ“, изјави тогаш Весиќ.
Нешто се менува?
Дискусиите од вчерашниот Софиски економски форум откриваат дека плановите за друг коридор Север-Југ не само што се активни, туку и се прават планови за трилатерален настап пред Европската комисија.
„Многу е важно да се забрза изградбата на транспортните коридори – од Солун до Видин и оттаму кон Северна и Западна Европа“, порачал бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов на билатралната средба со грчкиот колега Христос Стајкурас, во рамки на петтото издание на Софискиот економски форум.
Двајцата разговарале за организирање трилатерален состанок заедно со романскиот министер Сорин Гриндјану. Иако во соопштението не се наведува за каков вид транспортен коридор станува збор, како што пренесуваат бугарските медиуми, Караџов ја акцентирал важноста од востановување директна железничка врска меѓу Софија, Кулата и Солун, што би отворило можности за разговори со Романија за мултимодален железнички коридор од Солун (Грција) преку Софија и Видин (Бугарија) до Калафат (Романија).
„Министерот Караџов посочи дека е важно брзо да се одржат разговори меѓу Бугарија, Грција и Романија, за пред Европската комисија да се претстави заеднички план за изградба на трасите и да се бара дополнително финансирање на стратешките проекти во насока Север-Југ“, се вели во соопштението на бугарското Министерството за транспорт.
Идеите за вакво поврзување доаѓаат по приемот на Бугарија и Романија во Шенген.
„Само до пред неколку седмици имаше граница меѓу нашите две земји, што им отежнуваше и на граѓаните и на бизнисите – се губеа часови на чекање. За бизнисите тоа се изразуваше во многу реални финансиски загуби – над 500 милиони евра изгубена добивка. Денес оваа пречка е надмината, а целосното пристапување на Бугарија и Романија кон Шенгенското пространство е еден од најзначајните настани за регионот“, изјавил бугарскиот министер пред учесниците на форумот.
Посочил податок дека во Бугарија работат над 18.000 грчки компании чии инвестиции кои надминуваат 3,5 милијарди евра, што е доказ и за добар почеток и за тоа дека меѓусебните односи се развиваат со одлично темпо.
Интегрирање на железничките мрежи
Слични впечатоци споделил и министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Стајкурас.
„Бугарија и Грција сега повеќе од кога било се обединети во ангажманот за подобрување на поврзаноста, стимулирање на економскиот раст и постигнување успех во стратешките транспортни иницијативи“, изјавил тој на Софискиот економски форум.
Според грчкиот министер, Бугарија и Грција треба да работат во тесна соработка за да ги постигнат своите заеднички цели, а еден од главните аспекти на таа соработка е развојот на клучните европски транспортни коридори кои ги поврзуваат двете земји и обезбедуваат непречен премин на стоки и луѓе. Како што пренесе БТА, грчкиот министер потенцирал дека е важно да се развијат и брзите железници.
„Интегрирањето на нашите железнички мрежи ќе ја подобри ефикасноста на транспортните системи. Модернизацијата на железничкиот транспорт не само што ќе ги намали трошоците, туку и ќе има позитивно влијание врз животната средина“, изјавил Стајкурас.
Притоа истакнал дека е неопходно да се предвиди договорен буџет за прекугранични проекти.
„Кога работиме заедно, градиме иднина, во која нашите транспортни мрежи се поодржливи а нашите општества попросперитетни“, порачал грчиот министер.
Коридорот 8 останува од клучен интерес
Покрај плановите за транспортен коридор Север-Југ, за Бугарија клучна рута останува Коридорот 8, долж јужното крило на НАТО од Јадранско до Црно Море, кој се смета од големо значење и во сегашниот геополитички момент. Во тој контекст Караџов навел дека проектите во насоките Софија-Пловдив-Бургас и Карнобат-Синдел- Варна се во изградба, со вкупна инвестициска вредност од над 3 милијарди лева, а планирана е изградба на железничка врска од Ѓуешево до границата со Македонија, во должина од околу 2,4 километри, што ќе се финансира во рамките на програмата „Транспортна поврзаност“. Министерот потсетил дека Бугарија испратила нацрт-договор до Македонија, кој ги вклучува прашањата за финансирање, избор на партнери, изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел кој ги поврзува двете земји.
За разлика од интересот за Коридорот 8, кој мора да помине низ Македонија, кај источниот сосед подолг период се вртат политички и експертски предлози како да се направи железничка и патна алтернатива на Коридорот 10 (Атина- Скопје- Белград -Будимпешта- Виена). Покрај погоре посочените планови за железнички коридор Грција-Бугарија-Романија, неодамна се спомнуваше и варијанта за конкурентна автопатна алтернатива низ Бугарија, која вклучува автопат од Струма до Софија, со продолжување кон тунел низ Петрохан, Монтана и Видин (Бугарија) кон Арад (Романија) и Будимпешта (Унгарија). Предноста на овој план беше објаснета со приклучувањето на Бугарија и Романија во Шенген, но и со интересите на овие земји да преземат на нивна територија голем дел од сообраќајот од и кон централна Европа. (Dw)