Битка за Чаир меѓу ДУИ и Вреди

Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека кандидатурата на Османи е добра вест за Чаир, но лоша вест за него. Овие избори во Чаир, вели тој, ќе ја одредат и политичката судбина на коалицијата „Вреди“.

Бујар Османи е кандидат за градоначалник на Чаир

„Добро утро Чаир“, порача утринава Бујар Османи од Европскиот фронт, кој ја имаше првата прошетка низ улиците на оваа скопска општина како кандидат за градоначалник. По партиската објава во понеделникот (21.07) дека поранешниот шеф на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ ќе влезе во трка за градоначалничката фотелја во Чаир, Османи во видео порака на албански јазик на социјалните мрежи вели дека примил многу честитки и пораки за поддршка.

Кандидатурата на Османи за многумина е изненадување со оглед на неговата кариера изминатите години. Станува збор за еден од најблиските соработници на Али Ахмети, кој на изборите во 2024 година беше кандидат за претседател на Македонија. Во претходната коалициска влада на СДСМ и ДУИ беше министер за надворешни работи, како и претседавач со ОБСЕ.

 

Не се работи за функција, туку за одговорност“ 

Османи во објава на социјалните мрежи вели дека одлуката ја донел по голем број консултации и по сериозно преиспитување, со цел да ја понуди неговата посветеност и да ја побара довербата за да ја предводи општината Чаир.

„Не се работи за функција. Оние кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик, влегувам искрено, влегувам целосно, без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани“, вели тој.

.

Тој смета дека на Чаир му се потребни вистински, длабоки и човечки промени.

„Знам дека тие промени не се лесни, и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии, напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и професионален пристап, можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните“, порача Османи.

 

„Добра вест за Чаир – лоша вест за Османи“ 

Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека кандидатурата на Бујар Османи е добра вест за Чаир, но лоша вест за него.

„Кандидирањето на Бујар Османи за градоначалник на Чаир ја покажува важноста што оваа општина ја има за албанските политички партии на претстојните избори. Ретко се случува политичар со толку големо искуство на домашната и меѓународната сцена да се кандидира за локална функција, па затоа ова може да се перципира и како лична ’деградација’“, вели Селими за ДВ.

Сепак, додава тој, овие избори во Општина Чаир, на некој начин ќе ја одредат и политичката судбина на коалицијата „Вреди“. „Оттаму, влогот ќе биде максимален и политички, и во однос на кандидатите“, додава Селими.

 

Провокација за Меџити

Потегот на Османи се очекува да го испровоцира вицепремиерот од редовите на Вреди, Изет Меџити, со цел поранешните сопартијци да ги „вкрстат копјата“ во општината којашто со години важеше за едно од главните упоришта на ДУИ.

 

Меџити, кој беше градоначалник на Општина Чаир во периодот од 2005 до 2017 година, пред да биде соопштена одлуката на ДУИ рече дека не ја исклучува можноста пак да се кандидира за градоначалник на Општина Чаир на претстојните локални избори во октомври. „Деновиве очекуваме резултати од анкети од професионални агенции и тие ќе ни дадат ориентација кој каде ќе биде, но не го исклучувам и тоа како опција“, рече Меџити во интервју за ТВ Канал 5, најавувајќи дека „ќе одговорат со иста артилерија“ ако ДУИ го кандидира Османи за Чаир.

„Ако ДУИ оди со потпретседател и со членови кои биле кандидат за претседател на државата, министер за надворешни работи и ние ќе одговориме со иста ‘артилерија’“, изјави Меџити.

Битката за Чаир ќе се води во една напрегната ситуација, каде веќе извесен период има сериозен судир меѓу актуелната градоначалничка Данела Арсовска и актуелниот градоначалник, Висар Ганиу од Вреди околу беззаконието и дивоградбите во општината.

„Ако сме до дивоградбите и кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, како што кажа тој, живее во дивоградба и затоа ’не може да зборува за дивоградбите’, туку се скриени зад градоначалничката на Скопје за да ја искористат за време на кампањата“, вели Меџити.

Скопската градоначалничка на ваквите изјави одговори шегобијно на социјалните мрежи: „Утрово во организирана акција министерот Изет Меџити, со багерот на Висар Ганиу почна со рушење на незаконските и небезбедни дивоградби низ Чаир. Прва ја сруши дивоградбата на Бујар Османи која Изет изјави дека лично му ја легализирал. Продолжи со багерот накај 12-катниците што крадат вода и струја, градени со перени пари“.

„Потоа МВР, координирана од Владата, во акција со своите специјални единици ги уапси криминалците од ДУИ и Заев. И во тој момент се разбудив. Сѐ можат, само за криминалот на Висар Ганиу не смеат да писнат. Македонија повторно горда“, порача Арсовска на Фејсбук.(dw)

Back to top button
Close