Битола: Ја удирал со боксови по глава, па продолжил да ја удира со трпезариска столица и ја влечел на тераса за да ја фрли

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишен маж, осомничен за сторени кривични дела „Телесна повреда“ и „Полов напад и силување“, согласно Кривичниот законик.
Според обвинителството, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, осомничениот физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Тој ја удирал по телото, лицето и главата, а во еден момент зел и трпезариска столица со која продолжил да ја удира.
Потоа, како што се наведува, ја влечел и носел кон терасата, заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли. Од нападот, жената се здобила со телесни повреди.
По физичкото насилство, осомничениот ѝ наредил да се соблече со намера да имаат сексуален однос. Откако таа одбила, тој, според обвинението, насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија.
Јавниот обвинител, оценувајќи ја тежината на делата, опасноста од бегство и ризикот осомничениот да продолжи со насилство врз жртвата со која живее во ист дом, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола достави предлог за определување мерка притвор.
Судот треба да одлучи по предлогот на обвинителството..






