Битола, бабам Битола

Почитувани читатели, денешната  колумна ја посветувам на градот Битола и битолчани.

Инспиративен повод ми  беше поканата да земам учество во презентацијата на „Интерфест”,  Меѓународен фестивал на класична музика, кој веќе 32 години ја промовира музичката културата не само на Битола и битолчани, туку и на цела Македонија, од жанрот сериозна музика.

Иницијатори и сѐ уште главни носители на овој прекрасен фестивал се госпоѓа Милица Шперовиќ Рибарски и нејзиниот сопруг господинот Кирил Рибарски, професионални музичари. Тие со својата посветеност ја  направија Битола и ,,Интерфест” место  каде не само има што да се види, туку и да се слушне.  Привилегија е  учеството на светски познати уметници од областа на  сериозна музиката, токму  на овој фестивал.

Настанот се одржа во култниот и прекрасен  Официрски дом на Битола во присуство на градоначалникот на Битола, господинот Тони Коњановски и битолчани, вљубеници во вечната  музика. Големо задоволство и радост за мене  беше и признанието од оваа институција, за мојата донација на клавирот ,,Фесендорфер” ,  еден од водечките светски брендови на концертни клавири.  Истовремено ми беше искажана благодарност што на фестивалот учествував со финансиска поддршка за неговото опстојување изминатиот период. Благодарноста е благородна и  за дарителот…

Донацијата со клавирот беше идеја и препорака  на мојот другар и слободно можам да кажам брат, професор Валериј Стефановски, кој важеше и сѐ уште важи за врвен пијанист во Република Македонија.

Вали ми посочи само една, но суштинска реченица : „ Пуни, помогни им на Милица и Кирил, тие се ентузијасти,  сакаат да направат  добро дело за Македонија”.  Речено –сторено, клавирот во извонредна состојба беше дониран во Битола.

Душата ми се разгали од зборовите на Милица и Кирил Рибарски, дека првата нивна средба со клавирот била незаборавна, со  денови и часови доаѓале да го гушкаат, да му се радуваат како на чедо.

Моја привилегија е што имав можност  да присуствувам токму на ваков настан и да направам благородно дело. Тоа чувство е незаменливо, чувство на заемна радост и за дарителот и за даруваниот.

Битола и битолчани за мене се  синоним на автентична македонска приказна, конзулски град,  Мека на културата. Пред самиот настан и после тоа,  останав да се дружам со моите домаќини на прекрасниот и единствен „Широк сокак” кој ја има широчината да го собере духот и шармот на сите кои  дефилираат по него. Патем, шетачите  пленат со својот изглед како на модна писта.

Часовите кои ги поминав на оваа прекрасна улица пред и после настанот во Официрскиот дом, беа часови на драгоцени  разговори со моите домаќини. Сето свое духовно богатство, традицијата која како патина им ја краси душата, можеш да ја почувствуваш кога думаш со нив.

Пицеријата „Равена”  и ресторанот „Корзо” беа места за  попатна дружба, вкусни залаци залиени со винска  здравица. Таму е духот на едно типично градско јадро.

Со Битола и битолчани ме поврзуваат уште две нешта кои сакам да ги споделам со вас.

Една календарска година бев главен спонзор на Ракометниот клуб ,,Пелистер” кога ги освои сите титули во Република Македонија. Мислам дека немаше ништо да има од триумфот без навивачката група „Шкембари”  , до ден денес  мои најблиски пријатели кога е во прашање спортот. Тие знаат и умеат како да го водат Битолскиот спорт во целост.

Уште една моја  битолска приказна,  поврзана  со споменикот на браќата „Манаки” , кој се наоѓа во центарот на градот,   дело кое го подаривме јас и  мојот голем пријател и грандиозен скулптор, академик Томе Серафимовски. Битолчани бидете горди, чувајте си го градот, традицијата и сите манифестации кои денеска се одржуваат во вашиот град,  од областа на филмот и сериозната музика. Вие сте јадро на културата на Македонија!

Ви благодарам за вашето внимание и гостопримство, моите  идни посети на  Битола  ќе бидат мотивирани од  прекрасната дружба на  „Широк сокак”.

   

 

Back to top button
Close