Битолчанец лишен од слобода, возел со 151, иако ограничената брзина е 80 километри на час
Битолчанец бил лишен од слобода кај мотел Дреново, бидејќи возел со 151 километар на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час, информираа попладнево од Секторот за внатрешни работи Велес.

– Вчера во 11:45 часот на експресниот пат Градско- Прилеп, кај место викано „Мотел Дреново“, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиja од слобода З.Б.(43) од Битола. При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека управувал патничко возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки со брзина од 151 километар на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час, соопштија од СВР Велес.
Оттаму појаснија дека тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против него ќе била поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.





