Битолската претстава „И коњите ги убиваат, зар не?“ освои „Гран при“ на фестивал во Крагуевац  

Претставата на Народниот театар од Битола, „И коњите ги убиваат, зар не?“, во режија на Мартин Кочовски, освои награда „Гран при“ на фестивалот ,,Јоакимфест” во Крагуевац.

„Тричленото жири во состав Нада Кокотовиќ, Радмила Петровиќ и Јасмина Димитријевиќ  нашата претстава ја прогласија за најдобра во регионот, чест ни е што бевме дел од една сериозна конкуренција и дома се враќаме со интернационална награда. Нека се множат! -пишува на Фејсбук-страницата на театарот.

Во одлуката на меѓународното стручно жири се посочува дека наградата се доделува за најдобра театарска претстава во целина, односно за претстава која на модерен начин го презентира делото на Хорас Мек Кој.

„Претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ е снажен театарски чин кој го пробива филмско платно и доаѓа до гледачот со цела своја вистина -соопштија од меѓународното стручно жири.

„И коњите ги убиваат, зар не?“ годинава победи и на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп,  а режисерот Мартин Кочовски ја доби наградата за најдобра режија.

Во најнаградуваната театарска претстава на битолскиот театар во оваа година „И коњите ги убиваат, зар не?“, настапуваат актерите Илина Чоревска, Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Анастазиа Христовска, Викторија Степановска Јанкуловска, Филип Мирчевски, Марија Стефановска, Живко Борисов, Здравко Стојмиров и Александар Стефановски.

Back to top button
Close