Бизнис-конфедерација: Приватниот сектор не може да си дозволи покачување на платите за 100 евра без олеснувања за придонесите
Според него, со моменталните давачки покачувањето од 6 000 денари реално ја чини компанијата уште дополнителни 4 500 денари за придонеси, што е неостварливо за многу фирми.

За Бизнис-конфедерацијата е прифатливо зголемување на минималната плата во март со усогласувањето со законот, но секое друго покачување, без олеснети давачки за социјалните придонеси, ќе биде голем товар за стопанството, вели претседателот Миле Бошков.
Тој вели дека досега неколкупати разговарале со претставници на Владата и со нивните колеги од Сојузот на синдикати на Македонија, каде што го искажале нивниот став.
„Усогласувањето на минималната плата во март е прифатливо за нас, тоа е дел од законот што треба да се разбере и да се прифати, но исто така и за да можеме да покачиме повеќе, како што бараат синдикатите, во интерес и на работодавачите, и на граѓаните, и на работниците е покачувањето од 6 000 денари да биде ослободено од социјални придонеси и оптоварено само со персоналниот данок, и тоа во сите сектори“вели Бошков.
Според него, со моменталните давачки покачувањето од 6 000 денари реално ја чини компанијата уште дополнителни 4 500 денари за придонеси, што е неостварливо за многу фирми.
„Категорично кажуваме бидејќи, без оглед на позитивните показатели за зголемување на БДП, сепак станува збор за поделена економија на големи и мали, особено малите, кои се 98 проценти од економијата, не може драстично да прават исчекор во зголемување на и така големите трошоци за работење на компаниите“додава Бошков.
Бошков посочува на податоците од Централниот регистар кои покажуваат дека многу мал процент од македонските компании остваруваат профит и врз основа на тоа и го плаќаат данокот.
„Воопшто не станува збор за измислени фрази. Економијата во Македонија и особено да не ги споменувам малите, микро и средни фирми, навистина се соочуваат со потешкотии. Енормните профити се само замислена категорија“вели Бошков.
Бошков смета дека македонската економија може многу добро да функционира и затоа е потребно постојано да се разговара во зависност од случувањата.
„Се случува сериозна геополитика, престројување на целата економија во светот и во Европа и ние треба отворено да разговараме на оваа тема каде ќе ги насочиме парите, каде ќе ги насочиме реформите, дали ќе користиме наше раноградинарство, дали ќе користиме наши прехранбени продукти, наша енергија и енергенти“рече Бошков.
Тој смета дека е потребна сериозна реформа за да се спречи постојаниот увоз на „надворешна инфлација“.
Во однос на минималната плата, Бошков вели дека не би го заобиколил Економско-социјалниот совет.
„Треба да разговараат отворено, да ги објаснат состојбите, бидејќи исклучиво професионалците во одредени сектори и одредени политики ќе можат да ги кажат состојбите врз основа на искуството, врз основа на довербата и врз основа на нивното професионално знаење“вели Бошков.
Во Бизнис-конфедерацијата на Македонија членуваат околу 8 000 компании, најголемиот дел микро и мали.
Вчера во интервју за „360 степени“ претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, рече дека Македонија е на дното кога станува збор за платите и затоа не би рекол дека некому треба да му се чини многу зголемување на минималната плата од сегашните 397 на 600 евра.Тој рече дека овие тврдења ги базира на фактот што владите на сите држави од опкружувањето на Македонија ги зголемиле работничките плати, токму преку зголемување на минималната плата.
Како пример ја посочи Албанија, каде што покрај зголемувањето на износот на минималната плата, државата ќе ги субвенционира и придонесите за останатите плати за да може да се зголемат.
Во однос на изјавите од Бизнис-конфедерацијата, од каде што јавно кажуваат оти се подготвени да разговараат и да се согласат за зголемување на минималната плата, доколку придонесите ги покрие државата, Трендафилов вели дека токму тоа било тема на разговор со работодавачите минатата година, но, за жал, иако работодавачите подавале рака, Владата вели да седнат и да се договорат со нив, иако нема никакви сигнали дека тие би биле согласни да ги покријат придонесите.






