Бизнис-моделот на Субрата Рој за електрични автобуси?

Конечно лидерот на опозицијата, машинскиот инженер Христијан Мицкоски, се зафати со работа која добро ја познава: производство на електрични автобуси во Македонија. За неговата политичка активност во земјава владеат противречни ставови, па така – според свежата анкета на ИРИ, правена пред само 5 месеци, а резултатите објавена вчера  – Мицкоски има висока поддршка под 10% од анкетираните (и само 1% пониска од Заев – кој беше па тој Заев?!), но со најавата дека преговара за купување на 100 електро-бусови за престолнината, па и за производство на такви автобуси за извоз од Македонија, треба да се очекува дека поддршката неминовно ќе му порасне до феноменалниот двоцифрен процент од барем 10.2%!

Планот за постигнување на овој молскавичен успех за сега е таен, до толку што ни скопската градоначалничка Арсовска не ги знае деталите. Од опозицијата процениле дека ако со неа ги споделат информациите за решавањето на горливиот проблем со градскиот превоз во Скопје, таа со нејзе својствената ѝ ароганција и префинетото чувство за кавга ќе ја упропасти генијалната замисла, па решиле и неа и скопјани да ги стават пред свршен чин, како во народната: „Како се држи будала во неизвесност?… Ќе ти кажам за некој ден.“

Елем, за потребите на исполнувањето на предизборното шио-ми-га-Ѓуро-ветување дека годинава ќе се набави нов возен парк во ЈСП, седнал некој од ВМРО-ДПМНЕ на интернет  и прогуглал кој произведува електрични автобуси во светот… Има, се наоѓа, 50-60 компании, од кои половината по Индии и Кини, но и нешто низ Западна Европа, Русија и Белорусија. Бидејќи Путин и Лукашенко се моментно нешто зафатени, претпоставувам дека се распрашале кој во партијата има некој брачед или сват што монтира нешто по овие евро-азиски фабрики и сигурно нашле некого кому, на пауза, му свртеле телефон (на вибер, да не се прави дополнителен партиски трошок)… Собрале квалитетни информации: цените на вакви автобуси се багателни, неколку стотици илјади евра по парче (зависи од должината, бројот на седишта, катноста, дневниот опсег на возење, металик бојата и електриката на предните стакла), плус резервни делови, батерии, продолжни кабли, специјализирани автобуски депоа, обуки, наочари за сонце, уште батерии, депонии за складирање на потрошените батерии и сл. И дошле до ѓутуре сума од 50-100 милиони евра трошок, ако се договорат домаќински, сосе провизии, данок, царина, хомологација, регистрација и уште некоја помала провизија. Плус транспорт франко Скопје.

Хмммм… Одокативно им се видела голема цифрата, па си рекле, а зошто да ги купуваме, кога овде може да се инвестира во таква фабрика, па цената да им падне барем за десетина отсто по автобус! Има логика во тој одржлив бизнис-план. И еден Субрата Рој би се воодушевил од него.

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close