Благороден гнев

Пред секој текст ме мори смислата на обраќањето и се пробивам вообичаено низ второстепеноста на мојата средина, за повторно да ме совладаат апстрактните “обврски за и кон јавноста” за тоа како треба, а како не треба, и на тоа слични булшитирања … и успеваат некако да ме кандисаат?

Од серијата написи како не треба, а како ДПМНЕ ја води Македонија кон криза со политика на изолација, автократија и претворање на македонската нација во нација-жртва, редно е да се обидам и напишам како всушност може да се конципира македонскиот либерален национализам, ако веќе така сакаат да го постават прашањето? Ќе зборуваме за националистичкиот дискурс во кој повеќето борби не само кај нас туку и во Европа се одвиваат денес.

Секако човек може сето тоа ‚‚ал-тото‚‚ да го отфрли како непримерно за него и да плови мирно со животот и ангажманот во водите на космополитизмот, хетеротппијата и еманципираниот субјект, кој како што велат Сјоран, Јонеско или Хармс, слободно и сам ја соочува абсурдноста на конечноста, светот и тој во него.

Следните тези се однесуваат на партиските одлуки и програми во антагонистички судир како на македонската националистичка десница така и на социјалдемократската и либерална левица.

Проблем со кој десницата се храни и не може (не сака) да го артикулира цивилизирано е секако историјата на сопствената нација. Тоа е демон кој ја јаде и упропастува десницата но кој истовремено и овозможува манипулативно да го заробува гласачкото тело со години и децении.

Историјата отсекогаш била историја-на-сегашноста и како вели П.Валери: најопасна измислица на интелегенцијата чија хемија ги тера народите на суровост, халуцинации, ароганција, ги држи раните отворени, ги прави народите огорчени, неподносливи и создава фантазии и лажни сеќавања за минатото (Лакан).

Кај Македонците испад на нивното потсвесно е чувството на науваженост низ “борбата за вечната непризнаеност” за што зборувавме порано: борби кои ги води националистичката десница на овој народ низ ќорсокаците на јаловиот национализам и скаменетиот идентитет (Е. Саид).

Авторитарниот популизам на македонската заробена толпа со која десницата манипулира е изграден врз инфантилниот став кон авторитетот со кој луѓето од толпата сакаат да се стопат, да исчезнат, создавајќи илузија дека учествуваат во нешто големо, во неговата моќ. Таквата јавност сака илузии, сака виновници и во пресекот на тие два вектора се наоѓа полето на нејзиното уживање (Лакан/Жижек).

Во таква состојба (ако потрае) на изгубен морален компас, човекот од десната толпа паѓа под нивото на човештината но не станува животно, туку не-човек, демон, корумпирано битие, разорен, подол, зол никаквец.

Ако веќе треба да го мирисаме својот идентитет како потез на мирисање на својата под-мишка , тогаш тоа треба да биде поинаков идентитет: идентитет на нашите уникатни својства и релации со самите себе, низ акција на разликување и раздружување со тоталитарната идентитетска матрица. Идентитетот не е нужно етичко правило туку се создава во анти-системски отпор.Така се само-одредуваме и пре-создаваме минувајќи низ другоста со дарежлива воздржаност (Ж.Л.Нанси). Тогаш и само тогаш нашата заедница има шанси како хетеротопија, а нејзината историја станува флуиден архив на тивки визии.

Инаку историјата на Македонија и Македонецот/ката бараат многу од споменатата воздржаност, која десницата ја нема и нема капацитет да ја сознае.

Имено “македонската воздржаност” треба да се гради врз свеста за скромноста на нашите историски, духовни и борбени извори. Врз силата да се соочи со совршената незадолжителност на нашето национално преродување и формирање. Свест за милозливоста на провидението со кое сме биле облеани за да успееме. Да стекнеме достоинство и смиреност за прием на таа историска недетерминираност . Од таму да создадеме услови за моќна култура која евентуално ќе нè преживее и одговорност кон себе и иднината.

Имаме држава која можеме да ја изгубиме, без било кој да се потресе поради тоа, ако нè предводат идиоти. Независно што за момент тие ни делуваат како забавни непретенциозни дегенерици кои залутале во политиката.

Овој капацитет на воздржаност и скромност треба да не води во дијалог со историјата кој е неизбежен, а кој треба да биде благ и лежерен. Можеби делумно исполнет со “цинизам” посебно кон “фактите” за величието на сопствениот народ.

Левицата/либералите треба да изгради стратегија кон националното “прашање” кое се чини постојано се отвара наново . Не смее да го земе здраво за готово како затворено. Слично како западните либерали со демократијата (која ја земаат здраво за готово, па се чудат како ја губат пред налетите на десницата и расизмот). Тоа не значи дека прашањата се отвараат наново од почеток (за постоењето и признавањето на Македонците како посебност), туку дека фазата на македонската еманципација зарибала (тоа е она што Б.Тричковски го нарекува исцрпеност на парадигмите на Илинден и АСНОМ) и треба да се подигне на ново ниво, со други основи и идеали, а тоа е задача на секоја национална граѓанска интелегенција.

Либералната левица не станува автоматски космополитска, обескоренета од националната култура ако и кога ги превреднува и ре-поставува субјективната сингуларност, солидарноста, мултикултурата и отвореноста на заедницата како политички лимес. Слободата во демократијата извира и од традицијата на цивилноста (не само од Уставот) на заедницата која треба да се откопува и брани. Таа ги сопира луѓето да ги злоупотребуваат слободите или да ги потценуваат пред сликата на тиранот, да го рушат консензусот кој толку тешко демократијата го гради (еве една конзервативна идеја на Роџер Скрутон која функционира). Слободата која либералите треба да ја бранат не е аксиом туку еволуирачки консензус (инаку лесно се руши).

Постојано треба да се бори за вистината. Таа постои и таа е важна, важен критериум за одлуки. Делува лесно, банално но во ситуација на општество кое се дефинира преку пи-ар, пропаганда и се нарекува post-truth заедница тоа не е лесно ниту очигледно. Авторитарноста и десната толпа одбива да знае! Таа верува во она што сака да верува, прави фетиш од вербата и го одбива очигледното. Како спори, фунги, анеоробни бактерии расте без воздухот на вистината и знаењето. Таа култура постои по законите на амбисот/понорот и таа не е лесен противник!

Либералната левица треба да ги ре-измисли овие вредности и да создаде алијанси за борба за нив. Алијанси на солидарност кои ќе ја окупираат културата која кај нас е опасно бездомна.

Но оваа левица исто така не смее да се плаши од слободата која е возможна. Тоа за неа се нарекува “системска траума” и да посега по сега-нејзините скриени леви-авторитарни инструменти. Да не се плаши туку да поттикне извесен степан на раздружување, разврзување (Ј.Благојевиќ) во општеството кое ја одразува хетеротопијата во него, низ создавање на сложен еквилибриум на ‘начини на живот”, мозаик, меури во кои се остваруваат различни животни, културни и уметнички пракси кои се возможни и паралелни.

За тие начини на живот вон и паралелно со мејнстрим системот панк филозофот П.Б.Прециадо вели: енергијата што се троши да се потиснат и вклопат “во системот” тоа мноштво хетеротопни пракси на различните меѓу нас (тој ја нарекува таа ситуација на нелагодност и фрустрација од таков притисок – дисфорија), треба да се потроши на целосно отварање на вештачки конструираниот систем на репресија.

Интристичката хибридност на секоја култура па и онаа на Македонецот/ка , нивните традиции и имагинации возбудливо ќе се соочат во конверзија со другоста и различноста.

Заедницата целосно се отвара и се превреднуваат (Ничеански) сите вредности.

При сево ова левицата треба да избегне еден ќорсокак толку карактеристичен за неа и нејзината јаловост – да стане токсично цинична . Цинизмот ќе ја претвори во милениче на моќта и статус квото, а конформизмот најбрзо ќе ја уништи.

Левицата конечно мора да го изнесе муцето преку оградата!

 

Љубомир Д. Фрчкоски

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close