Блокадата на депонијата Русино ќе трае уште десет дена, локалната власт даде поддршка

Рампата на локалниот пат што води од Гостивар до регионалната депонија Русино ќе биде спуштена уште десет денови. Комуналниот смет од гостиварската општина повторно ќе се носи на депонијата се дел од заклучоците кои излегоа по денешниот состанок на локалната власт и претставници на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“.

Од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ потврдија дека оствариле средба со првиот човек на Општина Гостивар Арбен Таравари. Тие добиле уверување дека и последното барање за поставување на камери за надзор наскоро ќе биде исполнето

– За да добиеме поддршка и од останатите општини кои се засегнати со овој проблем донесовме заклучок да се блокира патот уште десет денови. Во меѓувреме ќе оствариме уште неколку средби и да се оствари целта: затворање на ова ѓубриште, рече Марија Спасоска од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“.

Од состанокот, произлегол и договор за меѓусебна поддршка и дека во натамошните разговори со институциите ќе бидат повикувани и претставници на иницијативата. На овој начин, локалната самоуправа дава поддршка и бара решение на овој повеќе децениски проблем.

– Утврдивме дека сме на иста страна и со заеднички сили продолжуваме кон остварување на идејата да се спречи понатамошно загадување кое произлегува од постоењето на Русино, вели Спасоска.

Изминативе осум денови имаше привремен договор за пропуштање на камиони со отпад за да се спречи трупање на комунален смет во градот и околните населби.

Од иницијативата нагласуваат дека на блокадата ќе останат и наредниве денови и со список од ЈП Комуналец ќе го контролираат носењето на отпадот.

Рампата на патот кон Русино ќе биде спуштена уште најмалку десет денови и нема да се пропуштаат камиони со отпад од други општини.

Back to top button
Close