Блокадата на Скопје беше на штета на граѓаните, вели Арсовска

Блокадата на Скопје беше на штета на граѓаните и не беше соодветна. Приватните превозници имаа средба во Град Скопје, но ние не функционираме со уцени и притисоци, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Во интервју за Канал 5, Арсовска вечерва истакна дека не треба да им се дозволи на неколку поединци кои како што вели „работат во свој интерес” да манипулираат со група на граѓани кои чесно сакаат да го заработат лебот.

– Има јавен повик, кој е чесен, искрен и кој сака да работи на начинот на којшто треба да ја работи може да се пријави. Градот повеќе нема договор со „Слобода превоз” и „Мак-експрес”. Тие го раскинаа договорот со тоа што престанаа да ја испорачуваат услугата за скопјани. Едните бидејќи повеќе месеци наназад не го испорачуваа минимумот од 80 проценти, а другите бидејќи престанаа во целост да возат, вели Арсовска.

За ефикасноста на јавниот превоз во главниот град, градоначалничката вели дека се работи за претпријатие што било оставено во незавидна состојба.

– Некој шпекулираше со бројки, вие може да имате и 1 000 автобуси во Скопје што можат да се вклучат во ваква дејност, но фактот е дека огласот во 2021 година на којшто овие лица аплицирале бил за околу 80 автобуси. Минатата година кога бил тој повик биле 87 автобуси, дополнително на што треба да има одредена резерва, прашањето што треба да се постави е што се случило со јавно сообраќајно претпријатие, додаде градоначалничката Арсовска.

Арсовска потенцираше оти останува на ставот дека ќе има бесплатен јавен превоз во Скопје.

– И во овој случај повторно има многу нешта кои се фактор во целата имплементација на проектот. Да, остануваме на тоа и сметаме дека може да функционира и дека може да им се понуди на граѓаните сето она кое сме го ветиле. Да, програмата навистина беше амбициозна, но во оваа програма исто како и секаде во останатите места на светот каде што е имплементиран таков проект, не сметаме дека е невозможен, додаде Арсовска.

Back to top button
Close