Блуграс љубов
Квир книжeвност за (не толку) младите
Кога пишував дека е крајно време за првата квир лектира, се консултирав со министерствата за образование и други институции одговорни за наставните програми во некои од најдобрите образовни системи во Европа. Од Норвешка, добив одговор дека: „Согласно националната програма, учениците учат за различните сексуални ориентации и варијации во родовиот идентитет и родовиот израз“. Од Германија, беа јасни дека: „Училиштето како место на толеранција и космополитизам треба да им овозможи на младите да најдат сопствен идентитет и да се артикулираат слободно и без страв од дискриминација. Преку соочување со различни идентитети, ставајќи се на нивно место, учениците ја изоструваат свесноста за сопствениот идентитет. Притоа, тие учат дека различноста е општествена реалност и дека идентитетот на другите не претставува закана за сопствениот идентитет“. Од Финската национална агенција, пак, ми испратија и дваесеттина наслови со квир теми кои се препорачани за деца помеѓу 14 и 15 години.
Колку е тој свет далеку од нашиот современ социо-политички контекст говори тоа што пред eден месец во последната верзија на Законот за основно образование избришани се термините „род, сексуална ориентација и родов идентитет“ како основи за дискриминација. Во ваквиот социо-политички контекст, квир книжевноста за млади (а, притоа, и за нивните родители) раскажува приказни за животи кои актуелната десничарска власт прави обиди потполно да ги замолчи. Како таква, квир книжевноста и каналите низ кои се шири сега стануваат дополнително важни.
Откако ја поставив оваа рамка на актуелното дополнително уназадување на образованието во доменот на човечките права и еднаквост, што говори лошо за третманот кој квир младите го добиваат од институциите – но и посредно за дискриминацијата и булингот кои Министерството за образование ги охрабрува – би се префрлила на конкретното книжевно дело кое е предмет на овој текст.
„Денови на Блуграс-љубов“ од Едвард ван де Вендел, преведен на македонски од Ели Пујовска во издаваштво на „Чудна шума“, е роман во кој љубовта се случува во текот на (најдолгото) лето по завршувањето на средното училиште, а пред запишување на факултет. Наменет за рани адолесценти или повозрасни млади, романот е ослободен од ризикот погрешно да му (пре)суди конзервативното „трето око“ на Бирото за развој на образованието. До сега најчесто пишував за книжевни дела кои би можеле во некоја форма (обврзни или по избор на уениците) да станат дел од листата на лектири. Овојпат, книгата што се дискутира не е предлог за лектира, но топло им ја препорачувам на младите за кои е наменета (и на сите оние кои познаваат млади луѓе и/или биле млади луѓе и самите).
Во романот, станува збор за случајното среќавање и силната вљубеност која се јавува помеѓу Тихо и Оливер во текот на едно лето во кое заминуваат далеку од својот дом, во летен камп во Америка. Вљубеност која предизвикува серија последици кои сега не би ги раскажувала за да не го расипам задоволството од читањето. Но, ова и не е книга на настани, ова е книга на љубовта која во нејзината суштина претставува серија охрабрувања, стравови, растења, афекти…
Тешко е да се опише дело кое на таков искрен начин успева да ја долови страста помеѓу двајца 18-годишници кои стојат на границата помеѓу млади и возрасни, несигурни околу изборите кои би го одредиле нивниот живот (факултетот, идна кариера…), но сепак одлучуваат барем на еден месец да избегаат од сѐ. Времето кое го минуваат како асистенти во меѓународен летен камп во Америка станува хронотоп на слободата, односно бегство од нивните животи, период на себе-осознавање и доживување на тајна страствена љубов. Блуграс-љубов е една од оние книги за кои обично не сакате да зборувате во страв да не ги банализирате, но знаете кому да ја препорачате, кого ќе го трогне и притоа им велите: „Прекрасна е, неверојатна е. Плачев два дена“.
Иако предрасудите и социјалниот контекст во кои се случува љубовта не се потполно исклучени, книгата внимателно портретира како предрасудите и нивното повнатрешнување суптилно ги ткаат внатрешните граници со кои двата главни лика се борат, а некогаш за жал и им се предаваат. Тоа се случува без некој особен трагизам и патетика.
Како што и самиот Ван де Вендел вели во текстот посветен токму на објавата на книгата на македонски јазик: „Копнеев по книга која интимно ќе ја опише страстната љубов помеѓу две момчиња. Дотогаш – ако воопшто и можев да ги најдам – квир книгите што ги читав беа пред сѐ трагични: смртта и тагата никогаш не беа далеку од љубовта во нив. Па затоа имав желба да напишам книга која и самиот би сакал да сум можел да ја прочитам петнаесет години порано, книга факел, книга во која многу нешта би можеле да бидат доведени во прашање, но не и самата љубов. Не и страста.“
Книгата е преведена на 25 јазици, а Ван де Вендел вели дека го трогнува начинот на кој читателите ја чувствуваат за „своја“. Книгата има толкав ефект што некој читател ја прочитал дури 75 пати, друг ја искористил како изјава на љубов, а трет напишаните меилови ги конципирал и адресирал до Тихо, главниот протагонист.
Конечно, за да се идентификувате со искуството на вљубување и благото полудување кое го предизвикува страста навистина не треба да сте квир. Треба да сте човек кој кога бил тинејџер силно се вљубил, што е прилично елементарно искуство. Во тоа лежи и моќта на ваквите книги – на сведување на она кое е прогласено за „различно“ на суштествено блиско искуство. Нема квир вљубување и стрејт вљубување. Тинејџерското вљубување, егзалтацијатаи често комплицираниот крај кои следат се прилично општи искуства. Ваквите книги покажуваат, одново и одново, дека идејата за Другоста е политичка конструкција.
Одличен избор на „Чудна шума“ <3
Лени Фрчкоска
Извор: meduza.mk