„Блумберг“: ЕУ и САД подготвуваат одговор на „непријателските акции“ на Русија

– Европската унија му испрати на Вашингтон нацрт заедничка изјава за самитот ЕУ-САД на 15 јуни, во која се предлага двете страни да одговорат на „непријателските акции“ на Русија, објави американската агенција „Блумберг“, повикувајќи се на документ.

Самитот ЕУ-САД ќе се одржи еден ден пред состанокот на претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, во Женева.

– Ние сме обединети во принципиелниот пристап кон Русија и одлучно ќе одговориме на моделот на нејзиното негативно однесување кое се повторува, како и на непријателските акции, се наведува во документот.

Според американската агенција, ЕУ и САД ќе се заложат на самитот против „репресијата која Русија ја спроведува врз цивилното општество, опозицијата и независните медиуми“, а исто така ќе изнесе и став за поблиска економска соработка.

Покрај тоа, двете страни би можеле да се изјаснат и за заедничко спротивставување кон Кина, за што станува збор и во нацрт-документот.

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли изјави дека Брисел треба да ги заостри санкциите против Русија.

Според неговата проценка, односите меѓу ЕУ и Русија се „многу тензични“ поради ситуацијата околу рускиот опозиционер Алексеј Навални и конфликтот во југоисточниот дел на Украина.

Back to top button
Close